Димитриевски, не сакајќи да ја коментира одлуката на Уставниот суд, рече дека ставот на неговиот политички субјект ЗНАМ во владата е претставен и оти тој е јасен

Сите треба да се заложат за квалитет при вработување, да им се даде можност на најквалитетните без разлика на која етничка заедница ѝ припаѓаат, вели кумановскиот градоначалник и претседателот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, откако Уставниот суд во средата ја донесе одлуката за укинување на т.н. „балансер“ – алатката за вработување според етничка припадност во државните институции.
Димитриевски, не сакајќи да ја коментира одлуката на Уставниот суд, рече дека ставот на неговиот политички субјект ЗНАМ во владата е претставен и оти тој е јасен.
„Што се однесува до ‘балансерот’, немам што тука да коментирам. Ставот на мојот политички субјект ЗНАМ, на претставниците, е во извршната власт и тој став што ги претставува нашите политики е јасен. Сите граѓани мора да имаат еднакви права и етничкиот предзнак не треба да биде привилегија на некои во делот на вработувањето“,
рече Димитриевски по завршувањето на денешната централна манифестација на Спомен-костурницата во Куманово, а по повод одбележувањето на 11 Октомври.
Димитриeвски рече дека е потребно суштинско заложување за да им се даде шанса на најквалитетните.
„Освен да се залагаме за политички квантитет, треба суштински да се заложиме да добиеме квалитет и да им дадеме шанса на најквалитетните без разлика кој од која етничка заедница доаѓа или пак од македонскиот народ. По основ на ‘балансерот’, Уставниот суд си го кажа своето и јас тука не можам ништо да коментирам, како и да е, ја поздравувам таа одлука“,
рече Димитриевски.
Откако Уставниот суд на седница донесе одлука за укинување на „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции, министерот за јавна администрација Горан Минчев не сакаше да ја коментира одлуката на Уставниот суд за укинување на алатката „балансер“ и, како што нагласи, министерството кое тој го предводи не навлегува во содржината на одлуките, туку ги спроведува и ги применува.
Тој рече дека би почекале да излезе комплетната содржина за оваа одлука од страна на Уставниот суд во „Службен весник“ и потоа би пристапиле кон реализација на истата.
Откако беше донесена одлуката, со реакција се огласија од опозициската ДУИ и од Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Од ДУИ рекоа дека ова е „шокантна“ одлука на Уставниот суд и ја оценија како тежок удар врз мултиетничката стабилност на државата, а портпаролот на партијата, Арбер Адеми, не ја исклучи можноста од протести.
Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која е дел од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, реагираше дека одлуката за укинување на „баланесрот“ е само потврда за антиалбанската политика на Владата.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, најави дека коалицијата „Вреди“ како партнер во Владата ќе понуди нацрт-законско решение кое ќе го замени т.н. „балансер“. Како што посочи тој, дел од предлозите кои „Вреди“ ќе ги понуди во нацрт-законот ќе бидат евиденција или регистар за етничка припадност во јавната администрација, на нотар заверена етничка припадност на кандидатот при вработување, бонус бодови за кандидатот со етничка припадност кој ѝ е потребен на институцијата итн.
