„Веќе кажав, ако очекувате јас да судам, тоа не го можам. Ние не сме судски орган. Ќе излеземе со извештај, да кажеме дали има лекарска грешка, а потоа судските и истражните органи треба да делуваат“, вели министерот за здравство
Министерот за здравство Арвен Таравари денеска најави дека попладне ќе излезе со извештај за случаите со починатата родилка во кумановската болница и смртта на 14-месечното бебе на Детската клиника во Скопје. Потоа, како што додаде, останува истражните и судските органи да поведат постапки и да постапат по случаите.

„Извештаите се речиси подготвени. Чекав извештај од професионални и компетентни педијатри за да дадат одреден заклучок за случајот со починатото бебе. Се надевам дека денеска или најдоцна во понеделник, како Министерство за здравство да имаме прес-конференција на која ќе ги кажеме сите детали од случувањата со родилката од Куманово и 14-месечното бебе“,
рече тој.
Утрово, посочи тој дека е доставен извештајот за случајот со почината родилка, а за починатото бебе очекува денеска да го добие и да го разгледа.
„Веќе кажав, ако очекувате јас да судам, тоа не го можам. Ние не сме судски орган. Ќе излеземе со извештај, да кажеме дали има лекарска грешка, а потоа судските и истражните органи треба да делуваат“,
вели Таравари.
Бебето почина на 5 октомври на Детската клиника, а дел од медиумите пренесоа дека претходно неколкупати било одбивано да се хоспитализира, иако неговите родители трипати го носеле на преглед на оваа клиника.
На 27 септември во Општата болница Куманово почина 31-годишна родилка.
Министерот рече и дека се стигнати вакцините за сезонски грип и почнува нивна дистрибуција низ државата.
