Кај починатите, според информациите од полицијата, не се пронајдени траги на насилство
Примероци од крв и урина, по наредба на јавен обвинител, ќе бидат земени и од останатите членови на семејството, односно од таткото и од другото дете, со цел да се провери евентуално присуство на токсини и кај нив
Труење е веројатната причина за смрт на 36-годишната жена и нејзината малолетна ќерка, што вчера беа пронајдени во својата семејна куќа во тетовско Слатино. Ова се првичните сознанија од наредената обдукција, информираат денеска од Основното јавно обвинителство Тетово и Министерството за внатрешни работи (МВР), посочувајќи дека интензивно се преземаат дејствија за расчистување на овој случај.
„Затоа, од починатите се земени примероци за дополнителни токсиколошки анализи со цел да се утврди причината за труењето. Кај починатите не се пронајдени други траги на насилство“,
се вели во соопштенијата од ОЈО Тетово и од МВР.
Примероци од крв и урина, по наредба на јавен обвинител, ќе бидат земени и од останатите членови на семејството, односно од таткото и од другото дете, со цел да се провери евентуално присуство на токсини и кај нив.
Според ОЈО Тетово и МВР, се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на случајот.
Инаку, МВР вчеравечер информира дека во семејна куќа во тетовско Слатино се пронајдени телата на 36-годишна жена и нејзината малолетна ќерка.
Сопругот на почината жена, заедно со малолетниот син, според информациите од полицијата, се префрлени во Клиничката болница во Тетово за да им биде укажана лекарска помош, а потоа се очекува тој да биде задржан во полициска станица за понатамошна постапка.
Според неофицијални информации, се работи за семејство што живее во супстандардни услови.