„Не постои опасност, но со тие структури секогаш мора да бидете внимателни и затоа добро е да ги споделуваме сите информации со НАТО-алијансата бидејќи многу информации добиваме и од таму“, вели министерот
Според него, ситуацијата на Блискиот Исток и во Украина е многу загрижувачка и ќе има рефлексија не само кај нас, туку во цела Европа. Затоа, вели тој, неопходно е по дипломатски начин да се започне дијалог и да се постигне мир

Не постои опасност за државата од некаква дестабилизација на регионот, вели министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Тој, на денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада, рече дека најважно е безбедносната ситуација во државата да биде стабилна и да се имаат сите неопходни информации.
Одговорот на Мисајловски доаѓа откако беше прашан дали имаат информации за најавите на дел од воените експерти дека е можно да има некаква дестабилизација во регионот, не како директен конфликт, туку можеби како формирање на терористички здруженија.
„Целосно се следи состојбата и било какво движење да има ќе бидете информирани. Она што е затекнато како структури што ги има тука и во соседството се следат, односно оперативно се обработуваат и, се разбира, ги имаме сите оние информации што се достапни и ги споделуваме со НАТО-земјите. Не постои опасност, но со тие структури секогаш мора да бидете внимателни и затоа добро е да ги споделуваме сите информации со НАТО-алијансата бидејќи многу информации добиваме и од таму“,
рече Мисајловски како одговор на новинарско прашање.
Според него, ситуацијата на Блискиот Исток и во Украина е многу загрижувачка и ќе има рефлексија не само кај нас, туку во цела Европа. Затоа, вели тој, неопходно е по дипломатски начин да се започне дијалог и да се постигне мир.
Мисајловски вели дека се следи сето она што го прават НАТО и нашите стратешки партнери.
„Преку видеоврска се видов со нашите тројца штабни офицери во Јужен Либан. Тие се чувствуваат добро, но ситуацијата е загрижувачка и секој ден е сè потензична. Иако се чувствуваат безбедно постојано се во бункери и само изминативе денови имаше преку 300 гранатирања од кои е оштетена инфраструктурата во близина на командните центри каде се сместени. Има и борбени дејства во близина“,
рече Мисајловски.
Во однос на помошта кон Украина, Мисајловски рече дека веќе се разговара за нов пакет кој е испратен на подготовка во Влада.
Мисајловски рече дека на состанокот во Рамшатјн, кој е одложен поради неможноста претседателот на САД, Џо Бајден, да дојде поради ураганот, требало да се разговара за помош на Украина.
„Ќе се разговара за дополнителни пакети, за сè она што може да се помогне. Во овој момент разговараме за нов пакет кој веќе е пуштен на подготовки во Влада. Но, она што се случувало во минатото е проблем. За сè што е донирано мора да имаме проценета вредност за ние да покажеме колку е нашата донација. Сега тоа се прави со сметководствена, со пазарна вредност, но мора да имаме проценка“,
рече тој.
Министерот рече дека во минатото, кога се правела проценката, тоа одело преку Бирото за судски вештачења од човек што е експерт. Но, како што рече Мисајловски, не му било никогаш исплатено и никогаш не биле добиени проценките.
„Тој човек што е проценител го ангажиравме во министерството за да ни помогне и да ги направи сите проценки за да имаме квалитетни извештаи што ќе ги доставиме до нашите партнери за да видат реално колку чини целата опрема. Сè она што ќе биде декласифицирано, ќе биде доставено, а по добивање на проценката ќе ги поминеме и овие нови пакети“,
рече Мисајловски.
Тој рече и дека во вчерашниот извештај од НАТО било посочено дека сме четврта земја по контрибуции за Украина.
„Од Украина се бара сè, не само воена, туку и хуманитарна помош што може да ја понуди секоја земја членка на НАТО. Ние ќе помагаме, но пред сè мора да ја заштитиме нашата земја и она што е потребна опрема за нашата Армија ќе направам сè да остане тука“,
додаде Мисајловски.
