„Како нов менаџерски тим сметаме дека набавката за хортикултурно уредување не е неопходна и за неа нема да се доставуваат нарачки. До овој момент не постојат финансиски импликации по однос на оваа спогодба и уверуваме дека така ќе биде до истекот на спогодбата“, велат од компанијата
Јавната набавка за хортикултурно уредување е постапка што е распишана и е спроведена од страна на претходното раководство на АД МЕПСО, а наша определба е да не се потроши ниту еден денар за овој целосно непотребен трошок. Ова е денешната реакција од компанијата АД МЕПСО на обвинувањата на Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека прва активност на Бурим Љатифи, новиот директор на АД МЕПСО, е реализирање на тендери за хортикултурно уредување, односно купување на цвеќе, односно рози за сума од над 1 000 000 денари или над 15 илјади евра.

„Потребата за ваквата набавка е наведена во планот за јавни набавки за 2024 година. Таа е објавена во мај, а веќе во јули е донесена одлуката за избор на најповолна понуда од страна на менаџерскиот тим во заминување. Постапката беше во финална фаза, а поради можноста од правни последици, АД МЕПСО ја потпиша“,
се вели во соопштението од АД МЕПСО.
Оттаму велат дека станува збор за рамковна спогодба склучена во временски период од 12 месеци што значи дека не постои обврска за искористување на средствата.
„Како нов менаџерски тим сметаме дека набавката за хортикултурно уредување не е неопходна и за истата нема да се доставуваат нарачки. До овој момент не постојат финансиски импликации по однос на оваа спогодба и уверуваме дека така ќе биде до истекот на спогодбата“,
велат од оваа компанија.
Посочуваат дека ова не е прв пример за непотребно трошење пари од страна на претходниот менаџерски тим, ако се знае дека од буџетот на компанијата се трошеле пари за донации и спонзорства, при што за оваа намена буџетот е пречекорен за околу 10 милиони денари.
„Цениме дека денешната прес-конференција е само блед обид на ДУИ преку напади на кадрите на Села компанијата да ја вовлече во партиски препукувања“,
информираат од МЕПСО.
Ја повикуваат јавноста да ја следи реализацијата на набавката преку електронскиот систем за јавни набавки, оти сите имаат право да знаат како се трошеле и како се трошат средствата на компанијата што е во државна сопственост.
Од ДУИ денеска обвинија дека Бурим Љатифи, новиот директор АД МЕПСО реализирал тендер за хортикултурно уредување за сума од над 1 000 000 денари или над 15 илјади евра.
Посочија дека прва активност откако стапи на функцијата новиот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, воедно и прв братучед на Изет Меџити е да купува цвеќе за сума од над 15 илјади евра, иако главна цел на компанијата е енергетскиот сектор.
