Денеска, спасувачките служби во селото Долна Јабланица под урнатините на една куќа ги пронашле телата на жена и маж
Во заедничка спасувачка акција на тимови од соседните држави на Босна и Херцеговина и од земјите членки на Европската Унија, денеска, расчистувајќи урнатини од една куќа во селото Долна Јабланица, биле пронајдени две тела, со што бројката на официјално загинати лица се искачи на 20. Според официјалните информации, најмалку уште десет лица се водат како исчезнати, а поголемиот дел од нив се претпоставува дека се во селото кое е речиси целосно затрупано.
„Ова веќе не е спасувачка операција бидејќи нема повеќе преживеани. Сега бараме тела“,
рече Сабахудин Спаховиќ од Цивилната заштита.

Босанските власти изјавија дека на терен, покрај доброволци, пожарникари и полицајци на расчистување на теренот, како и во потрагата по исчезнатите, учествуваат хрватски спасувачи, а се очекува во текот на денот да бидат распоредени тимови од Србија, но и од Словенија.
Помош за настраданите била понудена и од Македонија, Црна Гора, Чешка и Турција.
Министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, изјави дека Министерството ќе продолжи да ја следи состојбата на терен и ќе ја координира доставата на помош во погодените подрачја.
Босанските медиуми пренесуваат дека Јавното претпријатие „Патишта на Федерацијата Босна и Херцеговина“ синоќа санирало дел од патот кој води од правец на Мостар кон Долна Јабланица, со што е овозможено пристигнување на помош. Во ова подрачје веќе има повлекување на дел од водата и се отстранува првиот слој од насобраниот материјал, кал и камења.
