Во комуникацијата со Комитетот, Вајден рекол дека од „Афинити“ добил потврда дека планираниот проект на локацијата во Белград ќе вклучува музеј опишан како „споменик на жртвите на агресијата на НАТО“
Истрагата за „Афинити партнерс“, што ја спровел Комитетот за финансии на американскиот Сенат, открила дека српски и албански владини претставници проактивно и пристапиле на компанијата со предлози за проекти за недвижнини во нивните земји, пишува „Балкан инсајт“.
Фирмата за акции и инвестиции, за која била истрагата, е поврзана со Џаред Кушнер, зет и советник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Во писмото до „Афинити“, се додава во написот, претседателот на Комитетот за финансии, сенаторот Рон Вајден, вели дека комисијата сега бара да ги идентификува конкретните службеници вклучени во овие комуникации и посредниците.
Писмото на Комитетот за финансии е испратено приближно во исто време кога најстариот син на Трамп, Доналд Трамп помладиот, беше во Белград на средби со српските бизнисмени – и додека кампањата за претседателските избори во САД, во која Трамп е републикански кандидат, влегува во последната фаза.
Истрагата против „Афинити партнерс“ ја започнал сенаторот Вајден, демократ од Орегон, уште во јуни годинава, по извештаите за нејзините планирани инвестиции во Србија и во Албанија.
Во Србија, како што се вели во написот, компанијата треба да ја реконструира згрдата на поранешниот Генералштаб во Белград, која беше тешко оштетена во бомбардирањето на НАТО на Југославија во 1999 година.
Во комуникацијата со Комитетот, Вајден рекол дека од „Афинити“ добил потврда дека планираниот проект на локацијата во Белград ќе вклучува музеј опишан како „споменик на жртвите на агресијата на НАТО“.
Според пишувањата на „Балкан инсајт“, Вајден бил силно критичен за предложениот споменик.
„Целосно е несоодветно за која било странска влада да бара американска фирма да учествува во тој вид антиамерикански историски ревизионизам, чин што ги брише етничкото чистење и геноцидот и лажно го претставува НАТО како антагонист, и неверојатно е дека фирма основана и во сопственост на семејство на поранешен и потенцијален иден претседател на САД би се согласила на тоа“,
пишува тој.
Компанијата, исто така, планирала да инвестира во проекти за луксузни недвижнини на албанското крајбрежје.
Според објавите на медиумите, на кои се повикува „Балкан инсајт“, „Афинити партнерс“, меѓу другите странски инвеститори, добиле две милијарди долари финансирање од Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија.
Во своето првично писмо до компанијата, Вајден барал евиденција и информации за „десетиците милиони долари исплати што Кушнер ги добива од Саудијците и од други странски извори секоја година“.
Во дополнителното писмо, објавено оваа недела, Вајден побарал „детален список на функционерите од албанската влада, или поединци кои контактирале со ‘Афинити’ во име на албанската влада, кои први ги контактирале за да разговараат за инвестиции во недвижен имот во Албанија“. Слично барање Вајден упатил и за српските власти.
Вајден, исто така, барал копии од сите комуникации меѓу вработените во „Афинити“ и членовите на семејството Трамп поврзани со овие проекти, вклучувајќи ја и сопругата на Кушнер, Иванка Трамп.
Вајден добил потврда од „Афинити“ дека српската и албанската влада ќе имаат целосна контрола врз сите аспекти на овие потенцијални проекти, вклучително и моќ на одлучување за дозволите, локалното оданочување и лиценците за проектите.
Сепак, Вајден пишува дека тоа значи оти Србија и Албанија ќе имаат „потенцијално присилна контрола врз потенцијалните инвестиции на семејството на можниот иден претседател“.
Според Вајден, таквото ниво на вмешаност на владата го отвора прашањето за природата на овие партнерства.
„За двата предложени развојни проекти за недвижности, српската и албанската влада се чини дека ја поседуваат земјата и имаат широка дискреција за тоа како се користи. Овие услови им овозможуваат на српската и на албанската влада да извлечат невообичаени отстапки од ‘Афинити’ во процесот“,
тврди Вајден.
Прашања за врската со Саудиска Арабија
Според писмото на Вајден, „Афинити“ заработил 157 милиони долари од странски клиенти, вклучително и 87 милиони долари од владата на Саудиска Арабија.
„Афинити“, се додава во написот, му открил на Комитетот дека на својот главен инвеститор, Саудискиот јавен инвестициски фонд, му наплатува 1,25 отсто годишен надоместок за 2 милијарди американски долари вложени средства, и дека неговите други инвеститори плаќаат поблиску до 2 отсто од преземените средства.
Вајден тврди дека структурата на надоместоците на „Афинити“ е невообичаено висока, со оглед на трендовите на пазарот и релативното неискуство на Кушнер и на вработените во фирмата поврзани со Трамп во индустријата.
„Афинити“ откриле дека неговите средства досега не генерирале поврат на инвестицијата и дека не дистрибуирале никаква заработка назад на клиентите.
Вајден тврди дека потпирањето на „Афинити“ на неколку странски владини инвеститори, исто така, предизвикува загриженост од аспект на Законот за регистрација на странски агенти, ФАРА, кој го регулира странското застапување и лобирање во САД.
„Бидејќи 100 отсто од надворешниот капитал на ‘Афинити’ и приливот на приход доаѓаат од странски извори, првенствено богати државни фондови, загрижен сум што приватните инвестициски фондови на компанијата се искористуваат од поранешни владини претставници на САД како дупка за да се добие компензација од странски влади без да се откријат овие плаќања според ФАРА“,
напиша Вајден.
Големината на саудиската инвестиција, како што пишува „Балкан инсајт“ долго време покренува прашања.
„Њујорк тајмс“ објави тврдења во април 2022 година дека инвестицијата „изгледа како можен надомест за активностите на Кушнер во Белата куќа – или на обид за да се добие услуга во иднина, ако Трамп побара и освои уште еден претседателски мандат во 2024 година“.
Српската опозиција прва ја откри информацијата дека американската компанија ќе инвестира во Србија во март.
Извештаите предизвикаа критики поради сомневањата за корупција, но и поради архитектонската и културната вредност на оштетениот поранешен југословенски Генералштаб во Белград.
Зградата е изградена во 1965 година и е проектирана од познатиот српски архитект Никола Добровиќ.