Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ одбива да избере најдобар понудувач на тендерот бидејќи смета дека проектот е лош, скап и неизводлив. Но, главните финансиери – ЕУ и Европската инвестициска банка, велат дека третата делница од пругата кон Бугарија е изискувачка и компликивана, но е најисплатливата варијанта
Брисел учествува со вкупно 210 милиони евра грантови во финансиската конструкција тешка 560 милиони за изградбата на делницата Крива Паланка – Деве Баир, инаку дел од коридорот 8. И од Делегацијата на ЕУ и од Европската инвестициска банка за „360 степени“ велат дека тие пари ќе почне да се повлекуваат, ако земјата не успее да најде изведувач на актуелниот тендер
Ако во интернет пребарувач ги напишете зборовите паневропски коридори на Балканот, ќе ви се појават вакви илустрации. Според нив, низ Северна Македонија минуваат два.
Со зелена боја е Коридорот 10, кој почнува во Салцбург, Австрија, низ земјава минува покрај Куманово, Скопје, Велес и Гевгелија, а завршува во Солун, Грција.
Со црвена боја е коридорот 8, кој почнува во Бари, Италија, во земјава минува крај Струга, Кичево, Гостивар, Тетово, Скопје, Куманово, Кратово и Крива Паланка, а завршува во Варна, Бугарија.
„Кога ќе ја погледнеме мапата на Европа, тие изгледаат како вени на нашето тело. Вени на животот кои одат низ територијата на Европа, не само низ Европската Унија туку и надвор од неа и го покриваат и Западен Балкан. Тие се од витален интерес и важност, од стратешко и економско значење низ цела Европа, не само во една земја“,
вели Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје.
И додека коридорот 10 е развиен и со автопат и со железница, коридорот 8 се уште не е комплетен. Има асфалтен пат, но во голем дел тоа не се автопати. И клучно – нема железничко поврзување меѓу Албанија, Северна Македонија и Бугарија.
Затоа и се инвестира во железницата на коридорот 8. Парите и за проектирањето и за изградбата се дел грантови од ЕУ, дел поволни кредити од европски финансиски институции.
Бидејќи ЕУ практично ни донира околу 210 од вкупно 560 милиони евра потребни за делницата Крива Паланка – Деве Баир, од нив побаравме став за коментарите на новоизбраната македонска влада – дека делницата е лошо планирана, дека е прескапа за по неа да се патува со брзина од 60 километри на час, па и дека Бугарија не го гради својот дел.
Од Делегацијата на ЕУ во земјава велат – пругата од бугарска страна може да биде готова многу побрзо од онаа на македонската, а проектот за делницата Крива Паланка – Деве Баир е најрационалното решение.
„Навистина, теренот на оваа трета фаза е изискувачки, сложен, но тоа не е нешто што не може да се надмине со денешната технологија. Но, секако е поизискувачки од другите делници. Имајќи ја предвид европската димензија, ЕУ ги финансира сите делови. Го финансира делот на запад, кон Албанија, кој е во фаза на планирање, но, исто така, и на страната на Бугарија која како земја членка, има поинаква финансиска конструкција. Таму, проценката ни е дека последните делници на бугарска страна кои се опфатени со Директоратот на ЕК за регионална политика преку структурни фондови, се помалку предизвикувачки и би можеле да бидат завршени значително порано од 2030 година. И, имајќи го предвид долгиот временски период во кој се подготвуваше документацијата, таа беше ажурирана во текот на последниве 10-12 години, последен пат во 2013 година, при што беше направена соодветна проценка од страна на финансиерите и со должно внимание беше потврдена одржливоста токму на оваа траса, дека која било промена нема да биде пропорционална во однос на ресурсите кои треба да се инвестираат“,
вели за „360 степени“ Штефан Худолин.
За тезите на Владата дека проектот за третата делница е лош и скап, прашавме и кај една од институциите кои се кредитори за проектот – Европската инвестициска банка. Еве што ни одговорија:
„Делницата беше дизајнирана од меѓународни консултанти, финансирана е со грант од ИПА, со цел да се постигне најрентабилно техничко решение кое е во согласност со барањата на ЕУ за интероперабилност… Поради тешкиот терен, 75% од делницата е низ тунели или мостови. Поголемиот дел од делницата има значителна косина од 20-25 промили во насока на искачувањето кон границата (затоа дел од пругата е во форма на потковица, за да се ублажи косината)… Ништо невообичаено на глобално ниво кога е во прашање ваков терен. За да има поголеми брзини, ќе треба да се предвиди поголема делница за ублажување на косините и/или повеќе структури (тунели и мостови), што ќе ги зголеми трошоците.“
Затоа, и од ЕУ и од Европската инвестициска банка сметаат дека правењето нов проект нема многу смисла. Тоа, во основа, ќе значи промена во трошоците, што ќе значи правење нова финансиска конструкција, а секако и потреба од нов тендер.
А ако се распише нов тендер, независно дали поради изработка на нов проект или ако државата одлучи да не го заврши актуелниот, земјава ќе загуби десетици милиони евра.
„Ваквите инфраструктурни проекти се предизвик за секоја држава. Нашето досегашно искуство покажува дека Северна Македонија не е исклучок. Видовме значително доцнење во спроведувањето и реализацијата на инфраструктурни проекти. Во минатото, ова доведе до откажување на обврската од речиси 80 милиони евра. „Откажување на обврската“ значи дека пари кои биле резервирани и одвоени за земјата од фондовите на ЕУ како грант, повеќе не можат да се употребат за проектите за кои биле планирани. Ако ова продолжи, а Коридорот 8 е значителен дел од таквите инфраструктурни проекти, ќе се соочиме со ново губење на повеќе од 40 милиони евра. Сумирано, тоа се 120 милиони евра во грантови кои повеќе нема да бидат достапни за земјата од пакетот кој е скроен во моментов“,
вели Худолин.
На истото прашање, од Европската инвестициска банка велат:
„Ако Владата реши да не го користи сегашниот проект, тогаш под ризик е финансиската помош – особено значајните 150 милиони евра грант од ЕУ кои се доделуваат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, што е најголем грант кој е одвоен за земјата. Тука се и грантовите од националната програма ИПА 2 (60,7 милиони евра).“
Овие ризици можеби сега стигнуваат до јавноста, но на Владата и се познати од поодамна.
Набрзо по изборот на актуелниот кабинет, премиерот Христијан Мицкоски, а особено министерот за транспорт Александар Николоски, јавно почнаа да критикуваат различни аспекти од пругата Крива Паланка – Деве Баир, оставајќи впечаток дека ќе се оди кон поништување на тендерот за избор на изведувач за оваа делница. Во еден момент се слушна и предлог – парите за коридорот 8 да се пренаменат за коридорот 10.
„360 степени“ дојде до писмо од 13 август година адресирано до премиерот Христијан Мицкоски, а потпишано од Европската комисија (DG-Near), Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, во кое се порачува – не може така.
„За време на претходните состаноци со Вас и со министерот за транспорт, се отвори прашањето за можна пренамена на средствата од овој проект кон железничкиот коридор 10. Како што ви објаснивме во тие прилики, пренамена на средствата од еден за друг проект не е возможно за кредитодавателите и ќе ги загрози грантовите од ЕУ, кои не можат да префрлат“,
пишува во дел од писмото.
Ставот од пред месец и половина упатен по службени канали, сега го добивме и како јавен став.
„Тоа не значи дека мора да бираме – или Коридорот 8 или Коридорот 10. Овие проекти се спроведуваат во фази и во делници. Зависно од тоа колку се созреани, што значи во зависност од тоа колку се подготвени за спроведување, веруваме дека можат двата да се направат. Со соодветен процес на планирање и двата коридора можат да се реализираат. Сме го поддржувале, во минатото, Коридорот 10, оној на кој сите се возиме до Грција, дел беше обновен со пари од ИПА-програмата и имаме мобилизирано повеќе од 50 милиони евра за дополнителни работи кои треба да се направат и за железницата и за патот од Коридорот 10. И Коридорот 8 и 10 се во индикативната листа на проекти на Планот за раст. Така што, верувам дека и двата коридора можат да добијат поддршка и можат да се спроведат бидејќи се случуваат во различни фази“
вели Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје.
„Ако Владата сака да предложи нов проект за финансирање од страна на ЕИБ, тој ќе мора да биде оценет засебно и одлуката да се одобрат средства (заеми или грантови) ќе се носи независно (од досега одобрените проекти н.з.)“,
одговорија за „360 степени“ од Европската инвестициска банка
Можеби најсериозната критика за тендерот за делницата од Крива Паланка до Деве Баир беше изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека имало обид да го поткупат. Го кажа тоа јавно за да испрати порака дека не прифаќа таква пракса, но случајот не го пријави во Јавното обвинителство.
Од Европската инвестициска банка велат – се додека не се докаже вина има пресумпција на невиност, односно дека јавниот исказ на премиерот не може да биде причина да се прекине тендерот. И додаваат:
„Што и да се случи, проектот ќе мора да се реализира преку компетитивна јавна набавка. Генерално правило е дека, ако се остане исто, може да се очекува при ретендерирањето да се добијат помала конкуренција и повисоки цени, поради тоа што неуспешните тендери можат негативно да влијаат на довербата на економските оператори во договорните органи, особено ако причината за поништување на тендерот е нејасна“,
Од Европската унија потсетуваат дека одговорни за тендерот се министерствата за финансии и за транспорт, па очекуваат домашните институции да откријат и да споделат – што точно се случило.
„Но, очигледно е дека очекуваме повратна информација од властите за тоа што се случува со тендерската постапка бидејќи тие треба да ги следат правилата и прописите кои се однесуваат на оваа конкретна процедура… Ако има некои прашања кои се поврзани со легалноста или неправилности во процесот, тоа ќе биде обврска на домашните институции за да алармираат“
вели Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Тендерот за изградбата на делницата 3 од пругата од Куманово до бугарската граница беше распишан на крајот на 2023 година.
Рокот за поднесување понуди истече на 26 јуни 2024 година, а еден од условите беше понудите да бидат валидни најмалку 90 дена. Тие 90 дена истекуваат токму неделава.
Земјава се уште нема избрано изведувач и покрај тоа што отворањето на понудите се случи на 3 јули 2024 година. Не е дека нема заинтересирани, ги има вкупно седум. Но, според министерот за транспорт Александар Николоски, ниту една од понудите не доаѓа од, како што вели, сериозна земја членка на ЕУ.
Тоа значи дека тендерот, а со тоа и делницата Крива Паланка – Деве Баир е на „смртна постела“. Првата шанса да се врати во живот е ако Владата се премисли за сите изнесени критики, побара од понудувачите да ја продолжат валидноста на понудите и потоа избере најдобар понудувач.