„Јутарњи лист“ се повикува на изјавата на министерот за внатрешни работи, кој вчера рекол дека оние што имале доказ за резервиран престој, без проблем влегле во земјата
Европскиот комесар за економија Паоло Џентилони е убеден дека годинава, и покрај пандемијата на коронавирусот, ќе има летна туристичка сезона во Европа.
Тој во интервју за германскиот „Зидојче цајтунг“ изјави дека дефинитивно ќе има туристички сезони во текот на летото, но под одредени мерки и со ограничувања.
Европската комисија денеска треба да презентира препораки за постепено укинување на граничните контроли воведени за време на борбата против коронавирусот.
Ограничувањата прво треба да се укинат во оние земји каде што има добар напредок во однос на бројот на пациенти.
Грција веќе изрази подготвеност да ги отвори границите на 1 јули за странските туристи, но чека да го координира националниот план со правилата од ЕУ.
„Јутарњи лист“ денеска објави дека Хрватска неформално ги отворила своите граници за туристите пред четири дена, повикувајќи се на изјавата на министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, кој на вчерашната редовна прес-конференција на Штабот за цивилна заштита потврдил дека луѓето што на граница докажале дека имаат резервирано туристичко сместување во Хрватска, всушност, влегле во земјата без никакви проблеми.
Весникот посочува дека формално-правно тоа е спротивно на препораките на Хрватскиот институт за јавно здравје од 9 мај, со кои се пропишува дека странците можат да ја преминат хрватската граница само во три специфични ситуации, и тоа кога во Хрватска имаат недвижен имот или пловило, ако доаѓаат на погреб или се во земјата од деловна причина.
„Јутарњи“, повикувајќи се на неофицијални извори, наведува дека токму туристите спаѓаат во категоријата економски интерес и, иако тоа никаде не е децидно наведено, тие всушност можат да влезат во земјата.
Црна Гора и официјално најави дека се подготвува за летната туристичка сезона, при што е планирано плажите да бидат отворени на 18 мај, но под одредени услови.