Според Обвинителството, Палевски го убил девојчето со пиштол со калибар од 9 милиметри пукајќи ѝ во главата преку перниче кое го нашол на местото на убиството
Палевски како контрадикторни ги оцени наводите на Обвинителството во врска со мотивите бидејќи, како што рече, се тврди дека дупката во која било закопано девојчето била претходно ископана што, според него, значи дека девојчето било грабнато за да биде убиено, а не за да се бара откуп
Љупчо Палевски-Палчо и другите четворица обвинети на денешното прво рочиште од судскиот процес за убиствата и грабнувањата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.
На обвинителната клупа во Основниот кривичен суд Скопје по првпат заедно со Палевски седнаа Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишов, обвинети дека биле соизвршители во грабнувањата и убиствата и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој се товари дека помогнал во грабнувањето на девојчето.
Обвинетите и нивните бранители во своите воведни говори наведоа дека наводите во обвинителниот акт се паушални и контрадикторни и дека во текот на судскиот процес ќе го докажат тоа.
Откако судијата Ивица Стефановски не го прифати барањето на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска јавноста да биде исклучена во текот на целата главна расправа, таа продолжи со својот воведен говор во кој кажа дека Палевски, заедно со Манев, Видевски, Кешишев ги испланирале убиствата и ги извршиле на свиреп начин.
Мотив за убиството бил да присилат член на семејството да даде откуп.
Обвинителство: Палевски ја убил Вања пукајќи ѝ со пиштол в глава
Како што наведе обвинителката, убиствата на Вања и Панче ги извршил Палевски. Тој со пиштол им пукал во главите на жртвите, кои потоа заедно со соизвршителите ги закопале во дупки.
Според Обвинителството, Палевски го убил девојчето со пиштол со калибар од 9 милиметри пукајќи ѝ во главата преку перниче кое го нашол на местото на убиството.
Обдукцискиот наод, како што кажа обвинителката, покажал дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана чиј огнострелен канал во должина од 34 сантиметри минувал низ вратот до четвртиот пршлен од ‘рбетниот столб.
Секој од обвинетите имал своја улога со претходно и детално планирани дејствија, а таткото помогнал давајќи информации кога девојчето оди на училиште.
Како што наведе обвинителката, тие првично се обиделе да го грабнат девојчето на 24 ноември лани, откако таткото му јавил на Палевски дека таа сама ќе оди на училиште бидејќи нејзината сестра нема прв час. Но, првичниот план отпаднал бидејќи поради метеж во сообраќајот не успеале навреме да стигнат до зградата на Вања. Поради ова, грабнувањето било извршено три дена подоцна, односно на 27 ноември, повторно по информација на таткото на Вања дека таа сама ќе оди на училиште.
„Во неделата знаеле дека во понеделникот на 27 ноември Вања ќе оди сама на првиот час, што било исклучок. Со шрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, влегле внатре, застанале кај сутеренот кој води кон подрумите, го чекале детето, па кога излегла од лифтот, Боре Видевски ја фатил за половината и за устата, обвинетиот Велибор Манев ја држел за нозете. Ја однеле до сутеренот каде што Велибор ѝ ставил селотејп-лента на устата. Боре Видевски ѝ се заканил да не вика инаку ќе пукаат, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент, ја свртиле на стомак и додека Боре Видевски ѝ ги држел рацете, Велибор ѝ ставил пластични стеги на рацете и на нозете. Откако ја затвориле вреќата, Велибор ѝ ги врзал нозете со селотејп преку вреќата“,
се вели во обвинението.
Потоа го ставиле девојчето во багажникот од возилото што претходно го одзеле од убиениот Панче Жежовски, а на булеварот „Партизански одреди“ ѝ го скршиле мобилниот телефон за да нема сигнал. Во Визбегово се сретнале со Палчо и сите заедно продолжиле кон селото Бразда, каде што Палевски ја убил Вања. Обвинетите во претходно ископана дупка го ставиле телото на девојчето.
По воведните зборови на обвинителката, сите обвинети поединично, одговарајќи на прашања судијата Стефановски, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела за кои се обвинети.
Мотивот е погрешен, а обвинителката извршува политичка наредба, рече Палевски
Пред судот свој воведен говор даде и Палевски. Тој уште на почетокот кажа дека станува збор политички монтиран случај и дека воопшто не се познавал со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
„Оваа обвинителка извршува политичка наредба. Во рок побарав Обвинителството да прибави докази, но не бев удостоен ниту со писмен поднесок дека можеби сум поднел барање на погрешен начин“,
рече Палевски.
Тој како контрадикторни ги оцени наводите на Обвинителството дека мотивот бил да се бараат пари како откуп, а тоа, како што рече, го покажува и самиот обвинителен акт.
„Мотивот е погрешен, обвинението е погрешно напишано. Барав во рок од 30 дена да ми ги дадат доказите, не добив никаков одговор. Овој родител (Александар Ѓорчевски), наместо да плаче по своето дете, од полицијата е наместен за да се изготват лажен мотив и врска меѓу мене и него. Јас не го познавам Александар. Јас бев киднапиран првите седум дена. Ме донесоа на 15 мај во затворот во Скопје, но седум дена не добив никаков акт. Потоа ме донесоа со медиуми, со ‘калашникови’, судијата на претходна постапка изврши кривично дело. Ова е политичко монтирано судење. Регуларно заминав (од земјата) за да направам магнетна резонанца на мојата кичма која 70 отсто не е во функција. На 20 мај мојата ДНК е внесена во системот и нема совпаѓање“,
рече Палевски во своето обраќање пред судот.
Во врска со мотивот, тој рече дека и во Јавното обвинителство знаат дека немал контакти со таткото Александар Ѓорчевски, а дупката во која била закопана Вања, како што вели самото обвинителство, била претходно ископана, што според него значи дека Вања не била грабната за да се бара откуп, туку за да биде убиена.
„Мотивот е вештачки. Затоа е вмешан и таткото Александар. Таткото првпат станал дел од истрагата по исказ на еден од обвинетите. Никој не праша каде сте требале да го чувате детето додека чекате откуп. Нема повик од никој кој од мајката бара откуп. Дупката е претходно копана, значи, за да биде убиена, не за да се бара откуп. Самото Јавното обвинителство пишува дека дупката е претходно ископана“,
рече Палевски.
Туфегџиќ: Јас сум доведен во ситуација да бранам апсолутно невин човек
Пред него, видно вознемирен, пред судот се обрати и Александар Ѓорчевски, кој рече дека не помагал во грабнувањето на неговата ќерка, како што тврди Обвинителството.
„Јас загинав на 27 ноември. Тоа што остана од мене е ехо. Чувствувам болка што не може да се објасни. Чувствувам обврска кон Вања и се ставам на располагање за да се разреши оваа работа“,
рече Ѓорчевски.
Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ и во воведниот говор пред судот и во изјава за медиумите по завршувањето на денешното прво рочиште рече дека не слушнале од Обвинителството врз што го темели обвинението против Ѓорчевски. Она што слушнале, според него, се само паушални наводи дека помагал.
„Јас останувам на тоа дека дека Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка. Тврдам дека секој родител кому би му се случила ваква работа би го презел апсолутно истото што го презел и тој, односно би одел во насока да води своја самостојна истрага. И, на крајот на краиштата, сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар. Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници за кои и јас како бранител барам да бидат испитани и да видиме како и на кој начин ја воделе постапката, а тврдам и тоа не паушално туку врз основа на она на што се темели науката и основните принципи и постулати на криминалстичкото профилирање и криминалистичката истрага дека ова не е водено онака како што треба и затоа го имаме денеска тој резултат кој го имаме по однос на Александар. Јас сум доведен во ситуација да бранам апсолутно невин човек“,
рече Туфегџиќ.
Прашан во врска со становите на семејството, адвокатот рече дека неговиот клиент неколку месеци пред убиството на Вања, како подарок го пренел својот дел од два стана на двете малолетни деца и дека тие се јавуваат како даночни обврзници.
„И двата стана со согласност на мајката се разделени на тој начин“,
рече бранителот на обвинетиот Александар.
Следните рочишта судијата Стефановски ги закажа за 7, 9, 14, 16 и 18 октомври на кои ќе се сослушуваат повеќемина сведоци, меѓу кои и мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска.