Техничкиот преглед на автобусот на компанијата „Дурмо турс“, кој беше дел од големата сообраќајна несреќа во близина на селото Ласкарци, не бил направен според стандардните процедури.
Овој став на денешното рочиште за предметот „Ласкарци“ го изнесе обвинителот Дарко Јакимовски, кој истакна дека автобусот на 2 јули 2018 кога правел технички преглед влегол во станицата за преглед во 14:16 минути и излегува во 14:18 минути.
„При технички преглед на овој автобус може да се види дека нема ниту еден контролор во работниот канал. Исто така, може да се види дека автобусот не подлежи на системот на тресење, која е една методологија што се применува кај останатите возила. За илустрација, може да се види техничкиот преглед на едно патничко возило ’пежо‘. Во овој случај се гледа како контролорот влегува во работниот канал со батерија. Воедно оваа возило се тестира и на системот за тресење“,
истакна обвинителот Јакимовски.
Одбраната на обвинетите овој доказ на обвинителство го оцени како ирелевантен. Вработениот во техничкиот преглед, кој е обвинет во предметот, даде свој коментар и истакна дека во овој случај станува збор за вонреден технички преглед на возило наменето за јавен транспорт и тој престанал да важи кога се реализира редовниот технички преглед за регистрација (18 декември 2018 година).
„На снимката може да се види како вршам контрола на стаклата, пневматиците и каросеријата на автобусот. Исто така, во еден случај се качувам во автобусот и вршам контрола на копитот. Откако го внесов возилото во компјутер, јас влегувам и во каналот од каде што се гледа целото подвозје на автобусот. Гледав да не имаа откачени кабли и констатирав дека нема. На крај автобусот поминува на нагазна плоча за мерење на кочниците. Прво беше мерена предна кочница. Децидно тврдам дека имаше и мерење на рачна кочница, па после и на ножната кочница“,
истакна обвинетиот.
Во случајот обвинети се вкупно шест лица. Покрај од станицата за технички преглед, опфатени се и возачот на автобусот и сопственикот на компанијата „Дурмо турс“.
Следното рочиште за случајот „Ласкарци“ e закажано за 14 мај.
Во големата сообраќајна несреќа лани на 13 февруари загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени.
