Рочиштето се одложи бидејќи судијата Ивица Стефановски одлучи да го прифати барањето на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје да ги спои постапките против Љупчо Палевски-Палчо и преостанатите четворица обвинети соизвршители во еден предмет
Иако во судницата беа присутни четворицата обвинети, судијата рече дека главната расправа се одложува бидејќи треба да се обезбеди присуството на обвинетиот Палевски
Ниту денеска не започна судскиот процес за убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Рочиштето се одложи бидејќи судијата Ивица Стефановски одлучи да го прифати барањето на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје да ги спои постапките против Љупчо Палевски-Палчо и преостанатите четворица обвинети соизвршители во еден предмет.
Иако во судницата беа присутни четворицата обвинети, судијата рече дека главната расправа се одложува бидејќи треба да се обезбеди присуството на обвинетиот Палевски.
Како што кажа судијата Стефановски, предлогот на Обвинителството е основан бидејќи станува збор за ист кривично-правен предмет, во кој се инволвирани исти лица, па заради економичност на водењето на постапката двата предмета треба да се спојат во еден. На оваа одлука, појасни судијата, не е дозволена посебна жалба.
Следното рочиште тој го закажа за 20 септември во 10 часот. Инаку, во судницата 1 во Основниот кривичен суд Скопје беше забележливо засилено полициско обезбедување.
Денеска требаше да започне судскиот процес за случајот со грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. За грозоморниот настан, кој се случи кон крајот на минатата година, обвинети се Љупчо Палевски-Палчо и уште четири лица кои биле соизвршители во убиствата и грабнувањата.
Од Основниот кривичен суд неделава соопштија дека Советот за оценка на обвинителниот акт во целост го одобрил обвинението против Палевски кое Основното јавно обвинителство Скопје го поднесе на 12 август.
Еден месец претходно, на 8 јули, Обвинителството поднесе обвинение против останатите четворица обвинети соизвршители во случајот. Имено, обвинението против Палевски беше поднесено подоцна бидејќи се чекаше на негова екстрадиција од Турција. По завршувањето на истрагата и поднесувањето на обвинителниот акт против Палевски, од Обвинителството информираа дека бараат спојување на двете постапки во еден предмет.
Поради ова, почетокот на судскиот процес против четворицата обвинети соизвршители и помагачи на Палевски, кој првично беше закажан за 30 јули беше одложен и презакажан за денеска 4 септември.
Од Обвинителството соопштија дека бараат спојување на постапките во еден предмет бидејќи станува збор за ист вид кривични дела извршени од повеќе лица како соизвршители.
„Со оглед на тоа што во двата обвинителни акти се работи за ист вид кривични дела извршени од повеќе лица како соизвршители, меѓу нивните дејствија постои поврзаност од аспект на време, место и начин на извршување, а постојат и исти докази“,
соопштија на 12 август од Обвинителството.
Инаку, според Обвинителството, Палевски и останатите обвинети соизвршители и помагачи заедно го испланирале грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска, а целта, според Обвинителството, им била да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.
„Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано ‘Рудник’ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“,
соопштија на 12 август од Обвинителството.
Пет дена подоцна, на 27 ноември, четворицата помогнати од таткото на Вања, го грабнале девојчето во влезот од зградата каде што живее на улицата „Наум Наумовски-Борче“ во Скопје. Откако ја врзале, ја однеле во близина на местото викано Дупки во атарот на селото Бразда, каде што на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот.
За грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, покрај Палевски, обвинети се Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишов. Меѓу обвинетите е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товари за помагање во кривичното дело грабнување.
Палевски не беше обвинет со нив зашто истрагата против него почна подоцна бидејќи се чекаше на негова екстрадиција од Турција, каде што по бегството беше лоциран и уапсен по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.
Тој беше екстрадиран во земјава на 15 мај и веднаш спроведен во Истражниот затвор „Скопје“ на издржување на мерката притвор што Судот му ја одреди во негово отсуство.
Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.