Преку оваа акција од „Хера млади“ сакаат да укажат и на потребата за промоција на здрава комуникација, информираност на младите преку зајакнување на општествените механизми и имплементација на сеопфатно сексуално образование
„Зајакната младина денес значи подобро утре“, „Слобода, креативност, младост – тоа е твојата моќ“ и „Никогаш не си премлад за да ја промениш иднината“. Ова се дел од пораките што активисти на невладината организација „Хера“ ги поставија на повеќе локации во главниот град, а во рамки на герила-акцијата преку која дадоа свој белег во одбележувањето на 12 Август – Меѓународниот ден на младите.
Слоганот на герила-акцијата е „Промени ја сликата, ти си разликата“ кој, како што велат од невладината, ја истакнува важната улога на младите во обликувањето на иднината на нашето општество.
„Преку организирање интерактивни изложби, улични уметнички инсталации и јавни дијалози, ‘Хера млади’ успешно создадоа позитивна и поддржувачка атмосфера која ги инспирираше младите и пошироката заедница во нашиот град. Герила-акцијата се организираше со идеја да се зголеми свесноста кај младите со потенцирање на концептот дека нивните идеи, нивната вклученост во општествениот живот е од важност токму за нив самите. На тој начин, односно со нивна вклученост активно ќе се искористи нивниот потенцијал и капитал, а истовремено ќе се мотивираат да бидат дел од сите процеси кои ги засегаат“,
се наведува во соопштението од невладината организација.
Координаторката за млади на „Хера“, Мимоза Серафимовска, во видеоизјава ги истакнува токму овие можности, преку кои младите може да дејствуваат на сите социјални промени. Според неа, потребни се повеќе вакви акции.
„Младите се двигатели на позитивни промени и имаат уникатна моќ преку младински активизам и креативност да изнаоѓаат решенија на сите проблеми коишто ги засегаат. Сметам дека се потребни повеќе вакви акции коишто ќе ги мотивираат младите активно да се вклучат во сите социјални процеси коишто нив ги засегаат. Младите се оние кои што можат да се изборат за своите права, може да дејствуваат на сите социјални промени и можат да генерираат иновативност и можат едноставно да го направат светот поубаво место за живеење. Сметам дека зајакната младина денес, значи подобро утре“,
вели Серафимовска во видеоизјавата.
Скопјани денеска имаат можност да ги прочитаа и пораките „Кога мислам на љубов, мислам на тебе“ и „Дали веруваш во вистинска личност во погрешно време“, чија суштина, велат од „Хера“, е во еден од главните фокуси на младите – љубовта, како и тинејџерските и адолесцентските врски.
„Грижата за младите и нивниот развој и искористување на нивниот потенцијал е во нивното здравје, а инвестицијата во сеопфатното сексуално образование е од суштинско значење за нивниот развој. Преку сеопфатно образование се покриваат сите аспекти на сексуалноста, од физичките до емоционалните и социјалните, и тоа им помага на младите да донесат секогаш информирани одлуки за своето сексуално и репродуктивно здравје“,
велат од невладината организација.
Преку оваа акција од „Хера“ сакаат да укажат и на потребата за промоција на здрава комуникација, информираност на младите преку зајакнување на општествените механизми и имплементација на сеопфатно сексуално образование.
„Бидејќи само на овој начин можат да се решат проблемите на адолесцентска бременост, предизвиците поврзани со родовите идентитети и само на овој начин потенцијалот на секој млад човек во нашава држава ќе може да биде целосно искористен“,
велат од невладината организација.