Ако ова што имавме прилика да го слушнеме е само почеток што се Заев има направено или кажано, тогаш и те како има сериозна причина за загриженост кај Заев и СДСМ, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ
Пцуењето на Зоран Заев кон народот е тешка навреда за секој еден граѓанин, било да е член на СДСМ или на ВМРО, или да не е член на ниту една партија, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, откако вчера на „Јутјуб“ беа објавени четири аудио-снимки, најверојатно од еден ист разговор, на лидерот на СДСМ со непознат соговорник, чиј глас е изменет за да не се препознае.
„Го видовме вистинското лице на Зоран Заев. Кога е пред камери е со раката на срце, а кога е зад камери го пцуе и дрско го навредува сопствениот народ. Нема друг таков политичар во светот кој го пцуе сопствениот народ и кој е аболиран за криминал“,
рече Јанушев на денешната прес-конференција.
Според Јанушев, „Заев јавно признава дека СЈО предводена од рекетарската и криминогена дружина на Катица Јанева е целосно под негова контрола и дека тој самиот кажува дека управува со оваа компромитирана институција за рекет со зборовите ‘СЈО ќе превземе драстични чекори’.
„Воедно, Зоран Заев призна дека прислушуваните материјали ги давале надвор од партијата со цел да уценуваат политички лидери, но воедно дознаа и шарените, но и целата јавност дека, цитирам, ‘граѓанските организации, тоа што е финансирано од СОРОС, граѓанскиот парламент, студентскиот парламент се се полни со луѓе од СДСМ’“,
вели Јанушев.
Тој побара „јавно извинување од Зоран Заев за тешките навреди и пцости кон народот“, оценувајќи дека „овој човек не е достоинствен и не заслужува да се занимава со политика“ и дека „оставката е единственото нешто што му преостанува во услови кога е потопен со криминал и коруцпија“.
На прашањето – дали очекува валкана изборна кампања во која токму вакви аудио бомби ќе имаат главен збор наместо програмите, Јанушев одговори:
„ВМРО-ДПМНЕ има програма и за ВМРО-ДПМНЕ приоритет е обновата на државата. Секако дека на претстојните избори, кога и да се случат, ќе има квалитетна понуда во однос на граѓаните. Во однос на бомбите, ако ова што имавме прилика да го слушнеме е само почеток што се Заев има направено или кажано, тогаш и те како има сериозна причина за загриженост кај Заев и СДСМ.“
