„Косово, прости ни“, напиша на Фејсбук поранешниот вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби, а неговиот сопартиец и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи побара итна одговорност од, како што вели, узурпаторите на албанското претставништво во Владата
Поранешниот министер за надворешни работи од сега опозициската ДУИ, Бујар Османи, преку фејсбук-статус реагираше за вчерашниот инцидент со претседателката на Косово, Вјоса Османи на скопскиот аеродром.
Според Бујар Османи, овој инцидент јасно ја покажува неспособноста и неодговорноста на, како што вели, илегалните албански претставници во власта.
„Најостро го осудувам неприфатливото и скандалозно дејствие што се случи денеска на скопскиот аеродром кон претседателката на Косово, Вјоса Османи. Овој инцидент јасно ја покажува неспособноста и неодговорноста на илегалните албански претставници во власта. Потребна е итна одговорност од узурпаторите на албанското претставништво во Владата и одговорност од одговорните за оваа срамна ситуација“,
напиша Османи на Фејсбук.
И поранешниот вицепремиер од редовите на ДУИ, Артан Груби, преку социјалната мрежа Фејсбук реагираше за случувањата на скопскиот аеродром. Тој побара прошка од Косово.
„Косово, прости ни! Од газда на куќа во кираџија, од одлучувач до слуга, од горд до ракобакнувач, од достоинствен до без’рбетен, од бел образ до црн образ, од упатен до неук, од храбар до кукавица, од владеење во служење, од победник во губитник, од Европа и Америка до Русија и Србија, од Али Ахмети до Иван Стоилковиќ“,
напиша Груби.
Инаку, вчера се случи инцидент откако вработен во ТАВ побарал од претседателката на Косово, Вјоса Османи да го остави телефонот и да помине низ скенер, потег кој наишол на негодување од обезбедувањето на претседателката.
Половина час по случајот, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши кое е полициски службеник, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнал им да се заканува на вработените во ТАВ, што за „360 степени“ го потврдија и од МВР.
По инцидентот, од ТАВ Македонија рекоа дека на проверки се обврзани и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот.
Од кабинетот на Африм Гаши соопштија дека членовите на безбедносниот тим на спикерот биле присутни само за да помогнат во смирувањето на ситуацијата настаната од недоразбирањето помеѓу обезбедувањето на претседателката на Косово, Вјоса Османи и припадниците на аеродромското обезбедување.
Реагираше советникот за медиуми на косовската претседателка, Беким Купина кој смета дека однесувањето на македонскиот аеродромски службеник е спротивно на секоја меѓународна практика, според која, шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети.
Од опозицискиот СДСМ, пак, велат дека јавноста е во целосна конфузија по вчерашниот инцидент со претседателката на Косово, Вјоса Османи откако сите страни излегоа со своја верзија на настанот и побараа негово целосно расчистување.