Ангелов вели дека во овој момент имаме доволен број пожарникари, војска, полиција, припадници на „Национални шуми“, но и пожарникари доброволци што може да се вклучат во гаснењето на пожарите
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, вели дека на денешната седница на Управувачкиот комитет донеле одлука да ѝ предложат на Владата да се вклучи и механизмот на НАТО за помош преку кој може да се бара помош во искусни пожарникари.
„НАТО-механизмот за помош ги нуди истите работи како ЕУ-механизмот. Во овој момент таква потреба немаме, но може да се појави во текот на денот. Во овој момент имаме доволен број пожарникари, војска, полиција, припадници на ’Национални шуми’, но и пожарникари доброволци што може да се вклучат во гаснењето на пожарите“,
вели Ангелов во снимена видеоизјава.
Според Ангелов, состојбата со големиот број пожари во земјава е тешка, но не е алармантна.
Тој вели дека утринава има неколку пожари кои се најсериозни и предизвикуваат најголема опасност.
„Такви се пожарот кај Пехчево, во чие гаснење учествуваат голем број луѓе и ситуацијата се држи под контрола, пожарот кај Старо Нагоричане, кој се движи околу селата Малотино и Жегљање, пожарот на територијата на Општина Кратово околу селото Татумир. Исто така, и пожарот кај Македонски Брод кој гори со денови и ги загрозува селата Тажево и Брезница, пожарот кај Свети Николе околу селата Макреш и Горно и Долно Ѓурѓенци, како и пожарот што од Свети Николе се движи кон Кочани“,
додава Ангелов.
Утринава се полетани еден полициски и еден армиски хеликоптер кон Пехчево, каде што веќе учествуваат во гаснењето. На нив, Ангелов вели дека ќе им се приклучи уште еден полициски хеликоптер, како и трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Ангелов денеска укажа и на тоа дека депониите воопшто не треба да се потценуваат, затоа што, како што рече, токму вчера во Дојран најпрвин се запалила депонија, а потоа од депонијата можело да се случи трагедија бидејќи биле зафатени неколку блиски куќи.
Денеска пожарот во Дојран е сè уште активен, но Ангелов вели дека не го загрозува градот.
Во однос на апелите што се шират на социјалните мрежи во кои се повикуваат граѓаните да излезат и да помагаат во гаснењето на пожарите, Ангелов вели дека од такво нешто нема потреба.
„Како држава имаме доволно припадници на Армијата и полицијата и ако тоа некаде го побараат локалните авторитети кој командуваат со гаснењето на пожарите – градоначалниците, ние можеме да испратиме онолку војска или полиција колку што тие ќе побараат. Граѓаните не секаде можат да бидат од корист, напротив некаде можат да сметаат во работењето на професионалните служби, на пожарникарите, војската, полицијата, на ’Национални шуми’, на пожарникарите доброволци или на самите летала“,
додава Ангелов.
Тој вели дека граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места кога огнот загрозува некое село или како во синоќешниот случај кога постоеше мала можност огнот да дојде до градот Пехчево.
„Во гаснењето на пожарите, граѓаните не треба да учествуваат, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири на територијалните противпожарни единици“,
рече Ангелов и апелира да не се создава непотребна паника.
Денеска, исто така, била одржана седница и на групата за процена на која фокусот, како што рече Ангелов, бил ставен на причините и евентуално на мотивите на овој енормен број пожари што се појавија во последните неколку дена.
„Доколку имаме некои индиции, дополнително ќе информираме“,
рече тој.
Од ЦУК денеска информираа дека како меѓународна помош обезбедена со ЕУ механизмот на цивилна заштита во гаснењето на пожарите ќе се вклучат по еден хеликоптер од Србија и Чешка, како и два „ертрактори“ од Германија.
Од Министерството за внатрешни работи денеска рекоа дека е уапсен маж од радовишкото село Али Коч поради подметнување пожар во близина на селото.