Коалицијата „Вреди“ ја презеде оваа одговорност, решително и посветено да ја води оваа клучна институција, преку која интензивно ќе работиме на реализирање на столбот на нашата програма: борба против криминалот и корупцијата, пишува првиот вицепремиер Меџити на својот фејсбук-профил
Првиот вицепремиер Изет Меџити на својот фејсбук-профил објави дека коалицијата „Вреди“ ја добива раководната позиција во Управата за финансиско разузнавање. Не се знае кој ќе го наследи досегашниот директор Блажо Трендафилов, но Меџити го изразува задоволството што по првпат оваа институција ќе ја раководи кадар од некоја од партиите на Албанците.
„Борбата против корупцијата започнува денеска. За првпат партија на Албанците ќе ја предводи Управата за финансиско разузнавање. Тоа е претпоставка за нова и моќна заложба во борбата против криминалот и корупцијата. Коалицијата ВРЕДИ ја презеде оваа одговорност, решително и посветено да ја води оваа клучна институција, преку која интензивно ќе работиме на реализирање на столбот на нашата програма: борба против криминалот и корупцијата! Управата за финансиско разузнавање ќе биде нашето главно оружје во спречувањето на перење пари и други криминални активности. Таа борба ќе ја водиме транспарентно и правично. Ајде да преземеме акција!“,
напиша Меџити на својот фејсбук-профил.
Инаку, во тек е владината седница од која, како што неофицијално се дознава, една од темите за кои се разговара се кадровски прашања. Во јавноста веќе се прошири информацијата дека Солза Грчева е именувана за национален координатор за реформи во високото образование, а нејзината сопартијка од „Глас за Македонија“, Наташа Котлар, е назначена за в.д. директорка на Државниот архив. Фотелја во власта добива и Павле Трајанов. Од први август станува национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам. Сменет е и досегашниот заменик-генерален секретар на Владата, Тахир Хани (ДУИ), а на негово место е именуван Хасим Муртезани од Движењето Беса.