Полициски хеликоптер фрлил вода врз огнениот обрач, по што направил дупка во огнот низ која брзо влегле пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и со возила низ огнениот обрач ги извлекле животно загрозените

Пожарите во Светиниколско заглавија седум лица во с. Строиманци, Св. Николе. Центарот за управување со кризи соопшти дека тие се безбедно евакуирани.
Најпрво полициски хеликоптер фрлил вода врз огнениот обрач, по што направил дупка во огнот низ која брзо влегле пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и со возила низ огнениот обрач ги извлекле животно загрозените.
Луѓето останале заглавени поради огнените јазици .
До попладне денеска на територијата на Северна Македонија биле евидентирани 30 пожари на отворено. Од 15 сè уште се активни.
„За жал, постојано се појавуваат нови и нови пожари. Топлото време и ветрот прават особени проблеми во воспоставување контрола на пожарите“,
изјави Стојанче Ангелов.
Тој соопшти дека повторно е активиран ЕУ-механизмот за заштита и спасување и побарана е помош од воздухоплови. Ангелов упати апел до сите граѓани кои живеат во полунапуштени села итно да се евакуираат доколку слушнат дека во нивна близина има активен пожар. Порачува граѓаните да не чекаат огнот да дојде до селото, освен ако не е организирана одбрана на селото од страна на локалните власти.
„Да не чекаат до последен момент и да не се изложуваат на непотребен ризик по нивниот живот. Нови куќи ќе се направат, но животот на луѓето не може да се врати“,
апелираше Ангелов.