„Да ја кажеме вистината. Македонските граѓани ги вадат бугарските пасоши поради економски причини. Не затоа што се чувствуваат Бугари“, рече премиерот
Вистинското прашање е зошто македонските граѓани не барале бугарски пасош пред Бугарија да биде дел од Европската Унија. Бугарскиот пасош не е поради етничка или поради национална припадност. Колку што знам, бугарски пасоши во Македонија имаат различни етнички заедници, и Македонци, и Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци. Главно, ги вадат поради економски причини. На тој начин полесно ќе добијат работна дозвола во земјите од Европската Унија.

Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанската комра на северо-западна Македонија, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побара од македонските граѓани да се откажат од бугарските пасоши, посочувајќи дека граѓаните ги вадат бугарските пасоши главно поради економски причини, како и дека сите ќе го искинат уште првиот ден кога ќе станеме членка на ЕУ.
„Да ја кажеме вистината. Македонските граѓани ги вадат бугарските пасоши поради економски причини. Не затоа што се чувствуваат Бугари. Сигурен сум дека не е тоа причината. И сугурен сум дека најголем дел од нив утре би се откажале, односно сите би се откажале ако не се случеше оваа неправда да две и пол децении чекаме да почнеме преговори. Ако имавме нормален пат како што имаа сите нови земји членки во ЕУ, гарантирам дека ниту еден граѓанин во Македонија немаше да посака бугарски пасош. Ви гарантирам. И ви гарантирам дека ако го добиеме заслуженото, а имаме ние внатре многу проблеми кои треба да ги решаваме, но многу повеќе заслужуваме од многу земји членки кои станале дел од европското семејство. Првиот ден кога ќе станеме земја членка на ЕУ, ви гарантирам дека тие ќе ги исканат бугарските пасоши“,
рече тој.
„360 степени“ на почетокот на месецот го обелодени случајот со министерката во владата на Мицкоски, Сања Божиновска, која, според запис од Трговскиот суд во Загреб, директорувала со хрватска фирма користејќи бугарски пасош.
Објавивме и дека побарала отпуст од бугарското државјанство во втората половина на минатата година, но дека постапката не е завршена. Меѓу прашањата што ѝ ги испративме на Божиновска беше и дали некогаш поседувала или во моментов поседува државјанство на Република Бугарија, на што таа одговори:
„Што се однесува до вашите конкретни прашања, во мојата официјална биографија е јасно наведено дека сум македонска државјанка и дека поседувам и чешко државјанство. Во врска со тврдењата за бугарско државјанство, сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство и сите релевантни информации се транспарентно наведени во мојата биографија“.
Мицкоски тогаш рече дека Божиновска Сања е исклучителен експерт, европски експерт и дека е среќен што ја има како соработник во својот тим.