Oд она што можеше да се прочита од објавите на лидерите, како и од веста што беше пренесена од државната агенција МИА, не беше докрај јасно со кој и со каков правен субјект се сретнаа лидерите на „Вреди“. Па, „360 степени“ ги пребара податоци за здружението достапни во Централниот регистар
Од нив може да се види дека станува збор за здружение на граѓани кое е основано пред околу две години. Како основачи се јавуваат пет лица: Зеќир Кадриу, Џеладин Мурати, Авзи Мустафа, Сузана Алиу и Хасан Јашари, кој е наведен и како овластено лице. Официјалното име на здружението е поинакво од називот споделен од политичарите
„Албанска академија на науките и уметностите“ – ова е името под кое беше претставено здружението со кое вчера се сретнаа лидерите на коалицијата „Вреди“, а за кое најавија дека ќе бараат да прерасне во академија што ќе се финансира од државниот буџет. Во отсуство на подетални информации за здружението, „360 степени“ ги побара регистрациските податоци за правниот субјект поднесени во Централниот регистар.
„Албанска академија“ е „Академско здружение“
А од нив, може да се види дека станува збор за здружение на граѓани кое е основано на 15.2.2022 година. Вистинското име му е поинакво од она што беше вчера претставено и гласи „Академско здружение за наука и уметност на Албанците“, а не „Албанска академија на науките и уметностите“.
Како дејност е наведена шифрата 94.99, што значи „дејности на други организации врз база на зачленување, неспомнати на друго место“. Тоа е описот на дејност кој најчесто се користи за здруженија на граѓани.
Законски, кога здружение регистрираат физички лица, тоа мора да има најмалку петмина основачи. А, „Академско здружение за наука и уметност на Албанците“ го има токму минималниот број – пет основачи. Тоа се Зеќир Кадриу, Џеладин Мурати, Авзи Мустафа, Сузана Алиу и Хасан Јашари.
Јашари е наведен и како овластено лице на здружението. Станува збор за професор на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово, со докторат од УКИМ на тема „Улогата на училиштето и семејството во граѓанското општество”. Хасан Јашари од 1993 до 1998 г. беше заменик-министер за образование на предлог на ПДП.
Кои се целите?
При регистрација, секое здружение ги наведува и своите цели. Во случајот на „Академско здружение за наука и уметност на Албанците“, основните цели се да дава мислења и предлози за поттикнување на развојот на науката и уметноста, да препорачува примена на современи методи во научните истражувања и критички да ја оценува состојбата во одредени научни дисциплини преку организирање предавања, трибини, дебати, научни собири, јавни тркалезни маси, проекти, публикации и друго.
Понатаму, се вели дека тоа развива непосредна научна и уметничка соработка со научни, културни, наставно-образовни и други институции и асоцијации.
Здружението, според документите, го истражува културното наследство на Албанците и на Македонците, издава научни и стручни дела, критички ги опсервира општествено-политичките и другите збиднувања во Република Северна Македонија и активно се вклучува во авторски и рецензиски тимови за учебници и книги во трите степени на образование.
Тоа се залага за зајакнување на употребата на албанскиот јазик во републиката, развој и истражување на албанскиот јазик и литература, а иницира и социолошки истражувања за албанскиот идентитет и историја, како и продлабочени истражувања на Албанците и на нивното минато, сегашност и иднина.
Оваа организација, исто така, навела дека активно придонесува во мултикултурниот живот во републиката, на Балканот и во европските интеграциски процеси. Освен за истражувања на темите поврзани со Албанците, здружението е регистрирано и за истражувања во областите на медицинските науки и здравството, биотехничките науки, општествените, хуманистичките, правните, економските, техничко-технолошките и други науки.
Во неговиот опсег на истражување се наведени и педагошките, социолошките и психолошките науки, како и ликовната, музичката и други уметности.
Здружението „Академско здружение за наука и уметност на Албанците“ навело дека промовира верска, расна, регионална, родова, полова и друга рамноправност, толеранција, социјална благосостојба и еднаквост меѓу граѓаните. Се залага и за зајакната улога на жената во општеството, како и за заштита на флората, фауната и на почвата.
Како што се вели во регистрациските документи, тоа издава и научно списание наречено „Нија“ („Чвор“).
Што велат од ВМРО-ДПМНЕ?
Коалицискиот партнер на „Вреди“ во Владата реагираше со став дека не поддржува создавање нова академија. Велат дека Македнската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и дека во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници.
Науката не е нешто што треба да се политизира и етнизира, сметаат од партијата на премиерот Христијан Мицкоски.
„Нѐ радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката, тоа го поздравуваме и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ, кои бараа места само во тендерски зделки и притоа станаа зелена партија. Науката бара посветеност, напорна работа и високи академски стандарди, кои се основа за постигнување на извонредност и иновации. Само преку строгите критериуми и мерила можеме да осигуриме дека најдобрите и најквалификуваните ќе ги водат нашите научни институции и ќе придонесуваат за нашето општество. Затоа, мораме да ги задржиме високите стандарди и да се осигуриме дека нашата Академија на науки останува репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Што велат од ДУИ?
Демократската унија за интеграција, која е главен ривал на коалицијата „Вреди“, не беше суптилна во реакцијата. Според нив, станува збор за идеја што уште повеќе ги понижува Албанците.
„Во обид да покаже некакви резултати и да го запре слободниот пад кој ја понижува нацијата, ‘Вреди’ ја ‘основа’ ‘Академијата’ на науките и уметностите која ќе ја финансираат, замислете – општините, единствен случај во светот, академско маало. Така се случи со Музејот на слободата, Детскиот театар и десетици други општински импровизации кои служеа за општинска манипулација. Наместо да го преземат претседавањето со Државната академија за наука и уметност, да создадат простор за повеќе академици, да гласаат за законот што го предложивме додека го блокираа со ВМРО-ДПМНЕ за правична и соодветна застапеност во МАНУ, тие дојдоа до ‘големата општинска идеја’ што уште повеќе ги понижува Албанците“,
реагираа од ДУИ.
Како од „Вреди“ ја објаснија идејата?
По вчерашната средба на лидерите на „Вреди“ со преставници на здружението беше истакнато дека за него ќе се обезбеди општинско финансирање кое треба да биде привремено решение, а паралалено ќе се бара академијата да ја финансира државата од буџетот.
Според Билал Касами, претседател на Движењето Беса, кој вчера имаше објава од име на коалицијата „Вреди“, ова e чекор за да покажат дека Албанците како важен дел на оваа држава можат да придонесат и во науката, во уметноста и во сите области на ова општество. Цениме, додаде Касами, дека како втор по големина народ во државата имаме интелектуални капацитети за да основаме академија која ќе придонесе во сите овие области за кои ќе биде основана.
Зеќир Кадриу, кој беше наведен како секретар на здружението, рече дека на почетокот сите општини што сакаат може да помогнат за финансирање на оваа академија, а понатаму, кога ќе се донесе закон, ќе може да се продолжи во унапредување на академијата.