Од шестемина олимпијци, прв ќе настапи 16-годишниот Никола Ѓуретановиќ. Тој настапува денеска во олимпискиот базен во Париз (околу 11:45 часот), за кога се закажани квалификациите во трката на 400 метри слободно
На вчерашното претставување на Олимписките игри во Париз, на Сена се развиори и македонското знаме во рацете на македонската спортска експедиција.
Наместо на стадион, организаторите одлучија делегациите на учесниците на бродови да продефилираат низ француската престолнина пред спортските фанови.
Македонскиот екипаж брои шестмина спортисти, плус нивните тренери, а знамето го развиорија Дарио Ивановски и Мила Рељиќ.
Од шестемина олимпијци, прв ќе настапи 16-годишниот Никола Ѓуретановиќ. Тој настапува денеска во олимпискиот базен во Париз (околу 11:45 часот), за кога се закажани квалификациите во трката на 400 метри слободно.
На 28 јули, во 9:15 часот, на борилиштето ќе се појави и Анастасија Мојсовска. Македонската олимпијка во стрелаштво ќе се обиде да дојде до што подобар пласман во квалификациите во својата дисциплина.
Трет настапува Еди Шерифовски, кој ќе се појави на џудо-борилиштето на 30 јули, за кога се закажани борбите во неговата категорија до 81 килограм.
Потоа, на 8 август, следува и настапот на големата надеж за медал, Мила Рељиќ, за кога се закажани борбите во категоријата до 57 килограми.
Добар настап се очекува и од Владимир Егоров. Него ќе го видиме во првата, осминафинална рунда на 8 август, од 11:30 часот. Борбите во репасажот се закажани за 9 август, во 11:00 часот.
Ќе ги завршиме овие Олимписки игри со маратонската трка на Дарио Ивановски, кој ќе истрча на улиците на Париз на 10 август.
Со нас, инаку, на истиот брод беа и знамињата на малобројните експедиции на Луксембург и Мадагаскар.