Оваа информација ја потврдија на своите фејсбук-профили премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари, посочувајќи дека на овој начин ќе им дадат шанса на младите лекари, а со тоа ќе им се овозможи и подобра здравствена услуга на граѓаните
На денешната владина седница е донесена одлука за вработување на 300 приватни специјализанти до крајот на годината, како и за уште 300 такви вработувања за потребите на јавните здравствени установи до крајот на 2025 година.

Оваа информација ја потврдија на своите фејсбук-профили премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари, посочувајќи дека на овој начин ќе им дадат шанса на младите лекари, а со тоа ќе им се овозможи и подобра здравствена услуга на граѓаните.
Премиерот Мицкоски напиша дека на седница на Владата е усвоена информација за 600 нови вработувања на приватни специјализанти за потребите на јавните здравствени установи, како и дека Министерството за здравство ќе ги утврди критериумите за ангажирање на овој кадар.
„Шанса за младите доктори. Помалку гужви во болниците. Поголема грижа за пациентитe. Знаење и конкуренција во здравството. Продолжуваме да работиме за граѓаните“,
вели тој.
Министерот Таравари вели дека е реализирано уште едно ветување, односно дека до крајот на годината ќе се вработат 300, а идната година уште 300 приватни специјализанти.
„Денеска по предлог на Министерството за здравство, на владина седница ја разгледавме и ја усвоивме информацијата за вработување на приватни специјазанти од областа на здравството, неопходни за јавните здравствени институции за 2024 година“,
напиша Таравари.
Со тоа, според министерот, се задолжува ресорното министерство до декември 2024 година да обезбеди дополнителни финасиски средства во износ од 38 000 000 денари за вработување на 300 приватни специјализанти.
Приватните специјализанти пред неколку месеци излегоа на неколку протести на кои бараа покачување на надоместокот, односно тој да биде на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа.
Исто така, бараа здравствено осигурување и решавање на нивниот статус, кој, како што посочија, е невработени лица без здравствено и пензиско осигурување со договор на дело.