Откако Кимберли Читл поднесе оставка од функцијата, американскиот претседател Џо Бајден оцени оти таа несебично се посветила и го ризикувала својот живот за да ја заштити нацијата за време на нејзината работа во Тајната служба. Потребна е чест, храброст и интегритет, додаде тој, да се преземе целосна одговорност за организација која ги врши едни од најпредизвикувачките работи во јавната служба
Директорката на американската Тајна служба, Кимберли Читл, денеска поднесе оставка од функцијата по острите критики за работата на нејзината агенција оти не успеала да го спречи обидот за атентат врз експретседателот на САД и кандидат за втор мандат, Доналд Трамп, на политичкиот митинг во Пенсилванија.

„Ја преземам целосната одговорност за нарушувањето на безбедноста. Со оглед на неодамнешните настани, со тешко срце донесов тешка одлука да се повлечам од функцијата“,
напишала Читл во електронска пошта испратена до вработените во Тајната служба.
Оставката на Читл следува еден ден по нејзиното сведочење пред Комисијата за надзор на Претставничкиот дом.
На сослушувањето, кое траеше речиси шест часа, Читл ја презеде одговорноста за безбедносните пропусти и призна дека инцидентот го означил најзначајниот оперативен неуспех на Тајната служба во последните децении.
Американскиот претседател Џо Бајден ја номинира Кимберли Читл на чело на Тајната служба во 2022 година.
Откако Читл поднесе оставка од функцијата, Бајден оцени оти таа несебично се посветила и го ризикувала својот живот за да ја заштити нацијата за време на нејзината работа во Тајната служба. Потребна е чест, храброст и интегритет, додаде американскиот претседател, да се преземе целосна одговорност за организација која ги врши едни од најпредизвикувачките работи во јавната служба.
Бајден најави дека наскоро ќе именува нов директор на Тајната служба.