„Изненадува потребата да претседателката и членовите на Комисијата поднеле посебно барање за ваков тип на пасош. Кога веќе побарале дипломатски пасоши за себе, зошто не го сториле тоа и за вработените во Секретаријатот на ДКСК, кои исто така обавуваат службени патувања надвор од државата? Напоменуваме, дипломатскиот пасош не е само документ потребен поради зголемен обем на службени патувања, туку тој нуди и дипломатска заштита на лицата кои го поседуваат, па оттука се поставува прашањето каков тип на заштита им е потребна на комисионерите на ДКСК при обавување на службените патувања во странство“, реагираат од Платформата
Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагира на соопштението на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во кое работата на претходниот состав на Комисијата се квалификува како паушална и популистичка.
Платформата ја потсетува Комисијата дека според член 17 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, алинеи 18 и 19, ДКСК има надлежност да учествува во активности насочени кон јакнење на интегритетот и едукацијата за ефектите на корупцијата. Ова вклучува и медиумски настапи и изјави со кои се коментираат настани и процеси поврзани со сомнежи за корупција или евидентни ризици, изјави кои можат да создадат услови да се запрат негативните дејствија.
Оттука, Платформата ја повикува ДКСК да ги посочи конкретните случаи во кои претходниот состав излегол надвор од оваа надлежност, а во спротивно „да се воздржи од поткопување на довербата и на добрата пракса која претходниот состав ја изгради“.
„Во однос на учеството на ДКСК во јавната дебата околу настани и процеси, не залудно постојат домашни и меѓународни стандарди за антикорупција, интегритет, етика и добро управување, кои ги водат членовите при давањето изјави и оценки за состојбите. Оттука, Платформата стравува дека доколку ДКСК се обврзе да дава изјави само по донесени одлуки, ќе се пропушти значајна можност институцијата да учествува во превенција или фокусирање на јавноста кон процеси од највисоката корупција, кои тешко се докажуваат, но може да се спречат со колективна акција на притисок“,
се наведува во реакцијата на Платформата.
Оттаму посочуваат дека со жалење ја примиле одлуката да се додели дипломатски пасош на претседателката на ДКСК и поднесените барања на останатите шест членови на Комисијата за истото право.
„И покрај постоењето на чл. 10 во Законот за патни исправи, на кој се повикуваат членовите на ДКСК, истото право, а воедно и заштита се уредува и во чл. 50 од истиот закон, каде се констатира дека ова право ќе биде уредено со правилник од страна на МВР и МНР. Токму овој Правилник за постапката за издавање на дипломатски и службени пасоши и визи и за листата на носители на дипломатски и службени пасоши, во листата на носители на дипломатски пасоши не ги наведува претседателот и членовите на ДКСК. Оттука, изненадува потребата да претседателката и членовите на Комисијата поднеле посебно барање за ваков тип на пасош. Кога веќе побарале дипломатски пасоши за себе, зошто не го сториле тоа и за вработените во Секретаријатот на ДКСК, кои исто така обавуваат службени патувања надвор од државата? Напоменуваме, дипломатскиот пасош не е само документ потребен поради зголемен обем на службени патувања, туку тој нуди и дипломатска заштита на лицата кои го поседуваат, па оттука се поставува прашањето каков тип на заштита им е потребна на комисионерите на ДКСК при обавување на службените патувања во странство“,
велат од Платформата и нагласуваат дека ДКСК треба да се залага за намалување на користењето на дискрециските овластувања од страна на избраните и именувани лица, а не со вакви барања да ги користи за свои потреби.
Во однос на службените возила, Платформата бара расчистување на случајот, со оглед на спротивставените изјави на ДКСК и на Агенцијата за управување со одземен имот, како и на Владата на РСМ.
„Останува и тука нејасно, колку се зголемила потребата на Комисијата во изминатите неколку месеци, споредено со претходните пет години, за да побарува службени возила. Очекуваме транспаретно да се објасни оправданоста на ова барање доколку е истото побарано“,
стои во соопштението.
Платформата ја повика ДКСК да посвети поголемо внимание на настапи и на комуникацијата со медиумите и јавноста, за да се задржи претходно воспоставената добра пракса на присуство на членовите на ДКСК во јавната дебата. Само на тој начин новиот состав на ДКСК ќе ја има поддршката на јавноста во случаи во кои ќе треба да се пружи отпор на моќните мрежи на корупција кои изминатите децении ја претворија земјава во една од црните дупки на Европа, децидни се од Плтаформата.
Членки на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата се: Асоцијација за демократски иницијативи, Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Институт за човекови права, Коалиција сите за правично судење, Здружение КОНЕКТ – Скопје, Македонски центар за меѓународна соработка, Мост, Метаморфозис, Охрид институт, „Транспаренси интернешнл“ – Македонија, „Транспарентност“ Македонија, Фондација отворено општество Македонија, Форум ЦСИД, Центар за граѓански комуникации, Центар за истражување и креирање политики, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, Хелсиншки комитет за човекови права, SCOOP – Центар за истражувачко новинарство.