Состојбата со пожарите на планината Серта е значително подобрена, но сѐ уште има жаришта кои горат, како што е жариштето зад военото стрелиште „Пенуш“ во правец на Криволак, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој, како што објави на Фејсбук, денеска бил на увид со директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на дел од местата каде што беснеат пожарите.
„Благодарност до сите што учествуваат во гаснењето на пожарите што ја зафатија нашата Македонија. Вашата пожртвуваност и напорна работа се непроценливи. Посебна благодарност до Даре, доброволец од Дирекцијата за заштита и спасување, кој денеска при гаснењето на пожарот ја скршил раката, но и покрај тоа остана со своите колеги до крајот на денот. Даре е вистински херој и пример за сите нас, а неговата храброст и посветеност инспирираат“,
посочи Тошковски.

Тошковски соопшти дека го посетиле и селото Пухче кое се наоѓа од другата страна на Серта во правец на Штип, каде што исто така има пожар.
„Апелирам до сите граѓани да избегнуваат движење во шумите и секое сомнително движење или сомнителна активност од било кого да го пријават во полиција. Шумите се нашето природно богатство и заедно треба да ги чуваме и штитиме“,
апелира министерот за внатрешни работи.

Претходно МВР соопшти дека ќе има најстроги казни за намерно или ненамерно предизвикување пожари.
На координативниот состанок одржан на 18 јули, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, началниците на секторите за внатрешни работи и други организациски единици во МВР, порачаа дека ќе ги мобилизира сите расположливи човечки и технички ресурси за спречување и справување со пожарите кои зафатија повеќе делови од државата.
Од МВР посочија и дека имаат сознанија оти дел од пожарите се подметнати.
„Постојат индиции дека дел од пожарите се подметнати и ќе бидат преземени сите неопходни мерки за расчистување на случаите и санкционирање на сторителите. Апелираме до граѓаните да бидат исклучително внимателни кога се движат во природа. Исто така, ако граѓаните забележат какво било сомнително движење или активности, веднаш да пријават во најблиската полициска станица или на телефонот 112. Секоја активност во насока на намерно или ненамерно предизвикување на пожари ќе биде санкционирана најстрого во рамките на законските норми“,
соопшти МВР.