Според првичните информации, пожарот избил во задниот дел кај моторот, по што веднаш била повикана Противпожарна бригада
Автобус на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) се запали кај Железничката станица во Скопје. Како што пренесе ТВ Сител, во моментот на несреќата во возилото немало патници, а според првичните информации, пожарот избил во задниот дел кај моторот, по што веднаш била повикана Противпожарна бригада.

Ова е втор посериозен инцидент со возило на ЈСП во изминатиот период. Пред околу две недели двокатен автобус на ЈСП удри и се качи на жардиниера на раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ и Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ во скопски Центар. Возачот тогаш јавно се пожали дека возилото било неисправно, а од синдикатот обвинија дека од депото се пуштаат технички неисправни возила, со потпис и печат дека се исправни.
Според информациите на „360 степени“, договорот за каско осигурување на возилата на ЈСП е истечен. Како што објавивме, последниот потпишан договор за каско осигурување на возилата на ЈСП е од крајот на јуни 2023 година. Потпишан е со ВИНЕР Виена иншуренс груп Скопје, со рок на важност од 1.7.2023 година во следните 12 месеци. Тоа значи дека на 1.7.2024 година овој Договор престанал да важи. А во меѓувреме, не е потпишан нов.
Редакцијата на „360 степени“ направи и истражување непосредно пред сообраќајката на автобусот на ЈСП. Според податоците, само 21% од автобусите што поминаа на најфреквентата автобуска постојка во главниот град, „Рекорд“, во двата дена во кои ги набљудувавме, немаа никаков проблем со светлосните уреди, 33% имаа само еден недостаток, односно не им работеше светло, трепкач или табла, а дури 46% од автобусите кои поминаа имаа повеќе од еден недостаток.