Притоа, дел медиуми пренесуваат дека точниот број на жртви е тешко да се процени поради комуникациските блокади во земјата

Најмалку 105 лица се загинати досега од почетокот на студентските протести во Бангладеш, пренесуваат странските медиуми повикувајќи се на новинската агенција „АФП“. Притоа, дел медиуми пренесуваат дека точниот број на жртви е тешко да се процени поради комуникациските блокади во земјата.
Според достапните информации, најмалку три лица загинале денеска откако полицијата се обидела да ги растури протестите. Полицијата во Бангладеш денеска пукаше и употреби солзавец врз демонстрантите.
Владата на Бангладеш денеска одлучи да воведе полициски час низ целата земја и да распореди војска, а официјалната одлука за полицискиот час се очекува наскоро да биде издадена.
Во Бангладеш денеска телекомуникациите се во прекин, а каналите за информирање се затворени. Железничкиот сообраќај е прекинат низ целата земја бидејќи демонстрантите ги блокирале патиштата и фрлале цигли врз безбедносните службеници.
Демонстрациите, кои започнаа пред неколку недели и ескалираа во понеделникот, претставуваат најголем предизвик досега за премиерката Шеиха Хасина од почетокот на нејзиниот четврти мандат во јануари.
Студентите повикуваат на општа блокада барајќи укинување на одлуката за резервирање квоти во јавниот сектор за децата на оние кои се бореле во војната за независност од Пакистан во 1971 година, а протестите исто така избувнаа поради незадоволството поради високата невработеност. Во Бангладеш речиси една петтина од 170 милиони жители се без работа или образование.
Студентите тврдат дека целта на квотите е провладините групи да имаат полесен пристап до работните места во јавниот сектор.