Оптимист сум дека овој пожар ќе биде ставен под целосна контрола во текот на денот. Доколку не успееме, се заканува повторно да се прошири низ целата планина Серта, вели Стојанче Ангелов од ЦУК

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, информира дека денеска, до 14 часот, се активни вкупно осум пожари на отворено низ цела Македонија.
Според Ангелов, најсериозен и натаму е пожарот на планината Серта, во делот над селата Драгоево и Селце на територијата на Општина Штип.
„Овој пожар, за жал, и покрај вчерашниот дожд не е изгаснат. Рано од утрово дејствуваа хеликоптерите, но сѐ уште има активност на горење. Од градоначалникот се ангажирани повеќе градежни машини, вклучително и трактори, што вршат заорување на теренот и прават т.н. противпожарни пресеки. Оптимист сум дека овој пожар ќе биде ставен под целосна контрола во текот на денот. Доколку не успееме, се заканува повторно да се прошири низ целата планина Серта“,
рече Ангелов.
Тој кажа дека вториот пожар е во Општина Чашка кај селата Богомила и Орашје. Таму дејствува еден армиски хеликоптер. Третиот пожар се наоѓа кај селото Габровник во истата општина, а таму дејствуваат два словенечки хеликоптери. Во истата општина е и четвртиот пожар, кај селата Јаболчиште и Дреново.
Петтиот пожар е на територија на Општина Градско, а зафаќа и територија од Општина Росоман. Таму дејствуваат различни типови летала.
Во Општина Македонски Брод гори кај селата Слатино и Грешница. Пожар има и кај селото Небрегово во Општина Долнени. Последниот опасен пожар е во Општина Ново Село кај Бадилен, каде што ќе се гаси со романскиот авион „Спартан“.
Ангелов информира дека денеска се ангажирани 145 припадници на Армијата распоредени на различни места на кои беснеат пожарите. Ангажирани се и 55 припадници на полицијата. Со нив дејствуваат и 40 припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Голема благодарност до сите храбри пилоти кои учествуваат во гаснењето на овие пожари. Голема благодарност и до македонската армија и до македонската полиција, македонските пожарникари, како и до припадниците на ДЗС и граѓаните кои учествуваат во гаснењето на пожарите. Благодарност до сите оние кои на било каков начин помагаат за да се справиме со огнената стихија“,
изјави Ангелов.