Од поранешен новинар, до експратенички и некогашен градоначалник. Владата ги објави предлозите за заменици-министри со што, како што велат оттаму, владиниот кабинет е комплетиран
Најголемо внимание во јавноста предизвика заменик-министерот во МВР, Астрит Исеини кој е професор по физичко. Каква врска има физичкото образование, кинезиологијата со полицијата и внатрешните работи, прашаа од СДСМ и го обвинија Мицкоски за кадровски дебакл

Зоран Димитровски од Демократскиот сојуз, кој е поранешен новинар, од заменик во локална самоуправа, сега е предложен за заменик во Министерството за надворешни работи. Долгогодишната пратеничка Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заменичка во Министерството за животна средина.
Владата ги достави до Собранието имињата на замениците-министри со што велат дека се комплетира владиниот кабинет.
За заменик-министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили, кој е дипломиран економист, во Министерството за европски прашања се предлага Викторија Трајков, која пак е oд 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
За заменик-министер во Министерството за правда се предлага Ален Деребан. Тој е магистер по право, има сопствена адвокатска канцеларија, а во два мандата е и советник во Советот на Општина Струга.
Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заменик-министер ќе биде професорот Флакрон Беџети.
За заменик министер во Министерството за односи со заедници се предлага Неждeт Мустафа. Тој е дипломиран професор по филозофија, a од 2006 до 2017 година беше Национален координатор на Декадата и Стратегија за Ромите.
За заменик на министерот во Министерството за финансии се предлага Николче Јанкуловски – професор на Катедрата за агроекономија на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола.
Во Министерството за економија и труд за заменик се предлага Марјан Ристески, кој е ексградоначалник на Општина Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за заменик-министер се предлага Мирослав Лабудовиќ – магистер по електротехника и информациски технологии.
Во Министерството за здравство се предлага Јовица Андовски. Тој е дипломиран економист, а од 2011 до 2017-тата година бил заменик министер за здравство.
Во МОН се предлага Лулзим Алиу, кој е доктор на филолошки науки, додека во Министерството за труд за социјална политика, демографија и млади се предлага досегашниот технички министер во ресорот, Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ.
За заменик министер во Министерството за локална самоуправа се предлага Ерџан Селими. кој е магистер по политички науки.
Во Министерството за култура и туризам за заменик е предложен Седат Сулејмани. Бил заменик министер за култура, а од 2023 година е вработен во Општина Тетово како советник за стручно административна поддршка на општинскиот инспекторат.
За заменик-министер за дигитална трансформација е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски. Тој од 2019 до денес работи во Општина Куманово.
За заменик на министерот кој ќе раководи со Министерството за јавна администрација се предлага Лазе Јаќимоски. Јаќимоски е вонреден професор на Правен факултет – Кичево, Универзитет Св. ,,Климент Охридски” Битола.
За заменик на министерот во Министерството за транспорт се предлага Калтрина Зеколи Шаќири. Таа е професор на Универзитетот „Мајка Тереза“, а од 2023 до 2024 година била избрана за в.д. декан.
За заменик на министерот во Министерството за спорт се предлага Сафије Садики Шаини. Таа е инженер по Информатика на Природно – математичкиот факултет при Државниот универзитет во Тетово, а беше пратеничка во парламентарниот состав 2020 до 2024 година.
Најголеми реакции во јавноста предизвика предлогот за заменик-министер во Министерството за внатрешни работи. Панче Тошковски ќе го заменува Астрит Исеин, кој завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и е доктор на науки по Кинезиологија. Во моментот е вонреден професор на Тетовски универзитет и на Факултет за Биотехнички науки во Битола.
„Каква врска има физичкото образование, Кинезиологијата со полицијата и внатрешните работи? Гледаме класичен кадровски дебакл на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Единствен критериум е партиската припадност. Нити има свежи кадри нити професионалци ниту пак луѓе со соодветно познавање на областите“,
се вели во реакцијата на СДСМ.