Кувајтската Влада денеска донесе одлука да воведе целосен карантин, што ќе почне од овој викенд, во обид да го спречи ширењето на коронавирусот, откако бројот на случаи во оваа заливска земја нагло се зголеми, пренесен агенцијата ДПА повикувајќи се на официјалната новинска агенција на Кувајт.
Целосниот полициски час на национално ниво ќе стапи на сила од недела во 16 часот по локално време и ќе трае до 30 мај и предвидува забрана за излегување на отворено, освен за храна и лекови, објави кувајтскиот весник „ал-Кабас“, повикувајќи се на неименуван владин службеник.
Со одлуката се забранува и движење низ регионите од земјата.
„Одлуката доаѓа по препорака на здравствените власти“,
изјави владиниот портпарол Тарик ал-Мазрем.
Претходно во петокот кувајтското Министерство за здравство соопшти за нови 641 случаи на заразени со коронавирус, со што вкупниот број на заболени со ковид-19 во земјата порасна на 7208, од кои 47 починаа.
Кувајтските власти претходно презедоа серија мерки против ширење на вирусот, како ноќен полициски час, затворање на сите образовни институции до август и прекин на работата на владините институции.