Денеска сè уште e активен и пожарот кај Ново Село над селото Бадилен каде што се зафатени околу 20 хектари нискостеблеста дабова и борова шума, а каде што денеска околу 15 часот се најавува дека ќе интервенираат три „ертрактори“

Еден армиски хеликоптер од утринава интервенира во гаснење на пожарот на планината Серта, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Како помош на хеликоптерот, од ЦУК велат дека околу 10 часот во гаснењето на пожарот ќе интервенираат и три „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, а исто така и полицискиот хеликоптер се подготвува да полета.
Кризниот штаб на Општина Неготино, по синоќешниот состанок, им препорача на домаќинствата во селата и во градот задолжително да прават расчистување на тревните површини околу своите дворови, имотите и други подрачја, како и да нема поголеми движења кон критичните места.
Освен овој пожар, од ЦУК велат дека сè e уште активен и пожарот кај Ново Село над селото Бадилен на месноста Шамок каде што гори борова шума. Според последните информации од ЦУК, три „ертрактори“ околу 15 часот ќе интервенираат во гаснењето на овој пожар кој е на планината Огражден во близина на границата со република Бугарија.
За гаснење на овој пожар, кој избувна во средата попладне, од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека полицискиот хеликоптер во 30 налети исфрлил 45 тони вода и заедно со пожарникарите кои биле на терен се дејствувало да се спречи еден од краците на пожарот да навлезе во дабова и букова шума.
Според информацијата од Територијалната противпожарна единица од Струмица, од пожарот се зафатени околу 20 хектари нискостеблеста дабова и борова шума.
Нов пожар вчера избувна и на планината Серта меѓу штипските села Драгоево и Селце каде што гори ниска вегетација и грмушки. Според информациите од градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, станува збор за пожар кој е пријавен попладнето и не е поврзан со огнената стихија во Неготинско, а која исто така е на планината Серта, но од другата страна.
Во гаснењето на овој пожар синоќа се вклучиле пожарникари, доброволци и волонтери од месното население од село Драгоево, но бидејќи пожарот е на непристапен терен Јорданов рече дека денеска ќе бара интервенција за гаснење на пожарот од воздух.