„Сега владата на Христијан Мицкоски ќе го реализира истиот договор со ’Бехтел и Енка’. Сè што зборуваа падна во вода. Ако тоа било историски криминал за кој обвинуваше ДПМНЕ и според нив се работело нелегитимно, како тоа истиот Договор го реализираат?“, вели Лукаревска

Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, велеше дека договорот со „Бехтел и Енка“ е историски криминал, а сега ќе го реализира, вели актуелната пратеничка и поранешна заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Сања Лукаревска.
Според неа, со изјавите на министерот за транспорт Александар Николоски дека главна битка во годините што следуваат ќе биде да се добиеме повеќе километри автопат во рамки на истата финансиска сума која е договорена, паднато е во вода сè што досега зборувале.
„Сега владата на Христијан Мицкоски ќе го реализира истиот договор со ’Бехтел и Енка’. Сè што зборуваа падна во вода. Ако тоа било историски криминал за кој обвинуваше ДПМНЕ и според нив се работело нелегитимно, како тоа истиот Договор го реализираат?“,
рече Лукаревска во гостување во дебатната емисија 24 Анализа.
Лукаревска вели дека околу овој договор се кренало многу прашина, а моментот на транспарентноста поради класифицираноста не успеале да го надминат што, според неа, можеби е причина што се создала таква перцепција за „Бехтел и Енка“.
„Додека ВМРО-ДПМНЕ беа во опозиција, за договорот со ’Бехтел и Енка’, на големо кажуваа дека е историски криминал и дека е штетен. Се држеа и пресови, се одеше на терен, се крена голема прашина, се даваа конкретни податоци, па потоа владата ги демантираше“,
рече таа.
За тоа што доколку сега има истрага и сето досега кажано се поткрепи со докази, Лукаревска рече дека ако имало злоупотреба институциите треба да постапат.
„Апсолутно, можеби и така треба затоа што тоа е всушност нивната борба. Каде што имало злоупотреба на законите, каде што се работело нелегитимно нормално дека треба институциите да постапат“,
додаде таа.
Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ околу договорот со „Бехтел и Енка“ во емисијата ги бранеше пратеничката Марија Митева, која рече дека од она што успеале да го видат од овој договор е една голема нула.
„Не видовме реализација на ништо досега, а видовме огромен број средства што беа потрошени од буџетот“,
рече Митева.
Таа додаде дека договорот со „Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10-д немало потреба да биде ставен како класифициран документ.
„Верувам дека министерот за транспорт доволно добро ги познава правните состојби и она што произлегува од договорот, па верувам дека во определена клаузула на истиот доколку постои состојба на класифициран документ се разбира дека другата страна е таа што ќе треба да даде согласност за тој да биде декласифициран“,
додаде Митева.
Министерот за транспорт Александар Николоски вчера во изјава за медиумите рече дека договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д е касифициран како државна тајна, а за да биде објавен потребна е согласност од двете страни за тој да биде декласифициран и јавноста да може да го види.
Николоски вели дека е многу поважно што земјата може да добие од тој договор и најави дека главната битка во годините што следуваат ќе биде да се добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано.
Тој рече дека веќе имал една средба со претставниците на овој конзорциум на која кажал дека договорот треба да се декласифицира.
Тој додаде и дека претходната влада на СДСМ и ДУИ веќе има исплатено 240 милиони евра на изведувачот за, како што рече, буквално ништо, односно за т.н. подготвителни работи што не ги гледаме.
Прашан дали нашле криминал во овој проект, за што ја обвинуваа тогашната влада, Николоски рече дека Државниот завод за ревизија има извештај во однос на оваа работа којшто е направен пред тој да стане министер, и оти сега Обвинителството треба да го разгледа.
Договорот за изградбата на коридорите 8 и 10-д меѓу Владата и американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ беше потпишан на 8 март годинава. Со него е предвидена изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан на Коридорот 8 и на автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10-д.