„Треба да се исполнат и обврските што се преземени. Тука не говорам само за Северна Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан. Гледате дека не ги делиме. Нашата позиција е и европска позиција дека сите држави кандидати за членство во ЕУ треба да ги исполнат барањата што им се поставени“, рече бугарскиот премиер од Вашингтон
На вчерашното свечено отворање на НАТО-самитот во Вашингтон најмногу разговарав со премиерот на Република Северна Македонија. Ова за бугарската национална агенција (БТА) го изјавил бугарскиот премиер Димитар Главчев, посочувајќи дека и двајцата се на исто мислење оти треба да се намалат тензиите и да се нормализираат билатералните односи меѓу двете држави.
„Разговаравме дека е потребно да се нормализираат меѓусебните односи, како и да се вратат на нивото од 2017 година, кога беше потпишан Договорот за добрососедство“,
рече тој.
Според него, нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседите.
„Може дури да се каже дека ние сме и повеќе од соседи со Република Северна Македонија. И двајцата бевме на тоа мислење, па ќе видиме што ќе се случи“,
вели бугарскиот премиер.
Покрај тоа што треба да се намалат тензиите во меѓусебните односи, Главчев на Мицкоски, како што пренесуваат бугарските медиуми, му посочил дека треба да се намалат и тензиите во изјавите на политичарите.
„Меѓу граѓаните и народите на двете соседни земји нема тензии, а политичарите ако не помагаат да се развиваат тие односи, не треба ни да ги попречуваат“,
рече Главчев.
За да се продлабочи соработката, според него, треба да почне да се развива и поврзувањето во транспортот и економијата.
На Мицкоски, како што рекол Главчев, му посочил и дека земјите кандидати за членство во Европската Унија мора да ги почитуваат барањата, што, според него, е став не само на Бугарија, туку и на ЕУ.
„Треба да се исполнат и обврските што се преземени. Тука не говорам само за Северна Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан. Гледате дека не ги делиме. Нашата позиција е и европска позиција дека сите држави кандидати за членство во ЕУ треба да ги исполнат барањата што им се поставени“,
вели тој.
Самитот на НАТО по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на воената алијанса ќе се одржи во Вашингтон од 9 до 11 јули.
На самитот учество зеде и македонска државна делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Во составот на делегацијата се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Пред една недела премиерот Мицкоски одговарајќи на изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека нема одново преговори за Преспа, ниту, пак, со Бугарија за напредокот на ЕУ рече дека Преспанскиот договор е реалност и оти тој е дел од уставниот и правниот поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран со додавањето на т.н. француски предлог, поради што не гледа причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.