„Кога има проблем треба да се соочиме со него и да се даде решение. Има експерти кои се против, но никој не дава решение како да се реши истиот. Ние сега имаме статус кво, но ќе ја продолжиме нашата борба, во насока да донесеме правда и надеж, тие два столба одат заедно, во спротива би потфрлиле“, рекол Мицкоски говорејќи за најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители

Премиерот Христијан Мицкоски на предавање што денеска го одржа на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, говорејќи за теми што се од интерес на регионот, се осврна и на она што е најголем приоритет на Владата.
Мицкоски, како што се вели во соопштението од владината прес-служба, на предавањето рекол дека најголем приоритет на Владата пред се ќе биде зајакнување на економијата.
„Таа не може да расте, ако нема одлучна борба против криминалот и корупцијата. Мораме да се соочиме со криминалот и корупцијата ако сакаме да ја развиеме нашата држава за следната генерација. Има голема коалиција помеѓу одредени политичари, судии, обвинители и бизнис елита, и ние мора да ја разбиеме таа коалиција, во спротива ќе потфрлиме исто како сите наши претходници и би биле поразени“,
рекол Мицкоски.
За Мицкоски, трите најважни области ќе бидат инвестициите во енергетиката, интер-конекторот на гас како и вложувањата во инфраструктурата.
Мицкоски во предавањето, како што се вели во соопштението, се осврнал и на најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и додал дека со таа идеја тргнал затоа што тие две институции имаат само два отсто доверба меѓу граѓаните.
„Кога има проблем треба да се соочиме со него и да се даде решение. Има експерти кои се против, но никој не дава решение како да се реши истиот. Ние сега имаме статус кво, но ќе ја продолжиме нашата борба, во насока да донесеме правда и надеж, тие два столба одат заедно, во спротива би потфрлиле“,
рекол Мицкоски.
Тој, се додава во соопштението, рекол дека ќе се бори за своите ставови и оти ќе се соочи со аргументи со сите експерти, затоа што, според него, народот е гладен за правда.
Друга тема на којашто Мицкоски говорел е и, како што се вели во соопштението, ветото од Бугарија.
Според него, треба да се разговара за вистински добрососедски односи, но тие да бидат двонасочни, бидејќи, како што се наведува во соопштението, Мицкоски рекол оти македонските граѓани премногу жртвувале за европската перспектива и доста е со понижувања.
„Ние не сме политичари полни со наводи за криминал и корупција какви има во регионот. Ќе ги штитиме нашите интереси, подготвени сме да разговараме со аргументи, да ги презентираме истите, да видиме чии аргументи ќе преовладеат. Македонските граѓани за европската перспектива дадоа како никој досега“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски на предавањето посветил внимание и на актуелното прашања со Украина.
„Мојата држава е огромен донатор за Украина. Собранието гласаше за огромна поддршка за Украина. Ние сме меѓу топ топ доставувачи на помош по глава на жител во светот“,
истакнал Мицкоски додавајќи дека ние не сме толку голема и богата држава, но сме направиле максимални напори во насока да ја поддржиме Украина и украинскиот народ.