Премиерот оцени дека масовниот верски собир во период на епидемија претставуваа чин на неодговорност кон државата и кон здравјето на граѓаните
Тоа што се случи во Струга претставува сериозна неодговорност кон здравјето на граѓаните и неодговорност кон државата, истакна денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски, во врска со литијата во Струга, каде што беа присутни голема група граѓани, од кои повеќето не носеа маски.
Спасовски забележа дека како Влада имале одлична комуникација со верските заедници и, како што рече, на почетокот сите заедно се договориле дека најважни се животот и здравјето на граѓаните.
„Очекував дека верските заедници навистина ќе имаат поизразено чувство за животот и здравјето на граѓаните и како човек сум длабоко разочаран од постапката вчера во Струга“
рече Спасовски.
Тој потенцираше дека како претседател на Владата очекува сите надлежни институции да преземат мерки за санкционирање на организаторите, но и за оние кои не постапиле да се спречи една ваква организација.
„Очекувам и Јавното обвинителство и МВР да ги испитаат сите аспекти од овој настан и, како што имавме и други настани во други места за непочитување на одлуката за негрупирање повеќе од двајца, да бидат преземени соодветни мерки“,
нагласи Спасовски.
Посочи дека одлуките мора да се почитуваат, а оцени дека 90 проценти од граѓаните досега ги почитувале мерките што ги одреди Владата за спречување на пандемијата.