Ова е одговорот што претседателката на Централната изборна комисија на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ, го даде во врска со предлогот на кандидатката за лидер на партијата, Славјанка Петровска, за откажување на процесот за избор на нов претседател на СДСМ
Централната изборна комисија согласно Статутот и одлуките на Извршниот и Централниот одбор, кои се највисоките органи, ќе ја продолжи постапката бидејќи процесот е легитимен, демократски и спроведен во најдобар ред. Гласањето ќе се спроведе во општинските организации во недела од 8 до 20 часот.
Ова е одговорот што претседателката на Централната изборна комисија на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ, го даде во врска со предлогот на кандидатката за лидер на партијата, Славјанка Петровска, за откажување на процесот за избор на нов претседател на СДСМ што треба да се одржи в недела.
„Никаде во Статутот, ниту во правилниците не е регулирано кој би бил основот за да прекине овој процес бидејќи тој е започнат во една демократска и легитимна постапка, меѓутоа кандидатите како ќе се произнесат во следниот период по нејзиното повикување не можам да кажам“,
вели Аврамовска-Мадиќ прашана дали ако и другите кандидати се откажат од изборите, и потенцијално остане само еден кандидат, е доволен основ за откажување на процесот за избор на нов лидер на СДСМ.
Претседателката на ЦИК на СДСМ рече дека сите кандидати освен Славјанка Петровска доставиле список на предлог-контролори за избирачките места кои ќе ја следат работата на избирачките места в недела.
Славјанка Петровска, една од четирите кандидати за лидер на СДСМ, денеска на прес-конференција побара откажување на внатрепартиското гласање за избор на нов партиски претседател поради нефер изборен процес.