Државниот завод за ревизија го објави ревизорскиот извештај за Универзитетот „Мајка Тереза“, инаку прв по основањето на институцијата. Уште на стартот, државните ревизори јасно велат дека изразуваат „неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2018 година“.
Што се (не) згрешиле во „Мајка Тереза“
Списокот на неправилности или неусогласености со законските одредби во ревизорскиот извештај за Универзитетот „Мајка Тереза“ е еден до подолгите, ако се спореди со просечен извештај на ДЗР. Сумирано, тоа изгледа вака:
- не се донесени пишани процедури за материјално и финансиско работење и не е воспоставена ex-ante и ex-post контрола;
- не е основана организациона единица за внатрешна ревизија;
- ненавремено спроведување на законските одредби за избор на претседател на Сенатот и не е основан Универзитетски совет;
- ненавремено усогласување на Статутот и другите општи акти на Универзитетот со законските одредби;
- за три факултети не е исполнет условот од најмалку 10 лица во наставно научни звања во работен однос со полно работно време за изведување на настава на студиски програми за кои е добиена акредитација;
- неможност да се утврди исполнувањето на критериумите при избор на наставно-научни, научни, наставно-стручни и соработнички звања и асистенти;
- дел од набавките на стоки и услуги се извршени без постапка за јавна набавка.
Листата не завршува тука. Има уште неколку забелешки. Целиот ревизорски извештај можете да го прочитате ТУКА.
Како се правеле јавни набавки
Според извештајот, ревизорите опфатиле 9 постапки за јавни набавки, од кои 3 во 2017 година а 6 во 2018 година, кои претставуваат 79% од вкупно потрошените средства на тендери за таа година (околу 165 000 евра).
„Од увидот на приложената документација за реализација на трошоците, ревизијата утврди дека се извршени набавки на стоки и услуги без да се спроведат соодветни постапки за јавни набавки во вкупен износ од 904 000 денари (14 700 евра н.з.)… Истите се однесуваат на набавки на услуги за авионски карти и организирање на кетеринг услуга. А за канцеларски материјали, прехрамбени продукти и пијалоци, средства за одржување на хигиена и набавка на клима уреди, покрај тоа што е спроведена јавна набавка, надминат е договорниот износ и набавени се стоки и од други добавувачи, надвор од постапката“,
се вели во дел од ревизорскиот извештај.
Дополнително, во делот на финансиското работење, ревизијата забележува и други бројни пропусти.
„Не се донесени пишани процедури за матријално и финансиско работење во кои ќе бидат опфатени: текот на движењето на документацијата за секој вид на плаќања и наплата на приходи, распределбата на должностите и одговорностите за лицата вклучени во процесот, системот на следење и на контрола на сметководствената документација, што подразбира прием на фактури и архивирање, книга на влезни фактури, книга на излези фактури, барање за плаќање со кое се потврдува основот за исплата, комплетирање на сметководствена документација, контрола, подготовка на документација за плаќање и нејзинот одобрување“,
нотираат ревизорите.
Недостасуваат докази за избраните кадри
Освен за финансиите, голем дел од забелешките на државните ревизори се однесуваат на процедурите на Универзитетот при избори во телата и при вработувањето. На пример, ревизорите тврдат дека установата се уште нема избрано Универзитетски совет согласно Законот за високо образование, чија улога е да биде контролен механизам на Сенатот.

Веројатно еден од „најтешките“ наоди е дека од петте факултети за кои Универзитетот има дозвола да врши настава, условите се исполнети само за два.
„Ревизијата констатира дека за Факултетот за градежништво и архитектура, Факултетот за информатички науки и Факултетот за технолошки науки, не е исполнет условот за обезбедување на потребен број лица кои ги исополнуваат условите утврдени за избор во наставно-научни, научни и наставни звања… Исто така, не е исполнет условот за обезбедување на најмалку 10 лица во наставно-научни звања во работен однос со полно работно време за изведување на настава на студиските програми за кои е добиена акредитација, што не е во согласност со … Законот за високо образование“,
се вели во ревизорскиот извештај.
Но, освен што ревизорите нашле недостаток на вработени, наоѓаат и недоследности и кај дел од оние кои се вработени. Поточно, не можеле со сигурност да утврдат, дали некои од избраните кадри ги исполнуваат условите за позициите на кои се поставени.
„Со извршениот увид во примерокот на дел од персоналните досиеја на наставно-научниот кадар, ревизијата не можеше да се увери во исполнувањето на условите и критериумите за избор на наставно-научни звања… од причина што истите не содржат комплетна и веродостојна документација со која би се докажала исполнетоста на условите“,
вели ДЗР.
Што одговорил ректорот Азис Положани
Во дописот до Државниот завод за ревизија, раководните органи на Универзитетот искажуваат генерална согласност со наодите, препораките и сугестиите „со мали исклучоци“. Од Универзитетот објаснуваат дека се млада институција и дека се подготвени да го усогласат своето работење согласно законите.

„И покрај проблемите во врска со недостатокот на наставно-научниот и соработничкиот кадар, слабо опремената инфраструктура а во главно немање доволно простории за реализирање на наставно-научниот процес, поради каснењето со изградба на новиот комплекс на Универзитетот, во континуитет вложува максимални и сериозни напори целокупното свое работење да го канализира во согласност со позитивните законски прописи со кои е регулирана материјата за високото образование во Република Северна Македонија. Меѓутоа, свесни сме дека немањето доволно капацитети влијаеше во некои направени ненамерни превиди и одредени недоследности“,
се вели во дописот од Универзитетот до Државниот завод за ревизија.
Во понатамошниот одговор, Универзитетот објаснува дека постигнал напредок по неколку точки од извештајот, како на пример почеток на активности за формирање на Универзитетски совет или оформување на тело за внатрешна ревизија на институцијата.
Ревизорите прифатиле дека по некои точки има напредок па направиле соодветни корекции. Ставовите на ДЗР пренесени погоре во текстот, се оние по поправките.