Освен од секторот за односи со јавност на Владата, за средбата во куса објава на Фејсбук информираа и од Амбасадата на САД во земјава, во која се вели дека на неа било разговарано за приоритетите на новата влада
Тековните политички и економски прашања, како и напредокот на демократските процеси во земјата биле темите на кои денеска на средба во Владата разговарале и размениле мислења премиерот Христијан Мицкоски и амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Анџела Агелер.
Станува збор за прва средба на Мицкоски со американската амбасадорка во својство на премиер на државата, откако во неделата Собранието ја изгласа новата влада, а еден ден подоцна премиерот и министрите ги презедоа функциите.
Мицкоски, како што соопштија попладнево од секторот за односи со јавност на Владата, на средбата со Агелер ја истакнал важноста на стратешкото партнерство помеѓу двете држави.
Во таа насока, тој потенцирал дека поддршката од американската страна е клучна за развојот и стабилноста на регионот.
Амбасадорката Агелер, од своја страна, се наведува во владиното соопштение, ја потврдила посветеноста на САД за продолжување на одличната соработка со Северна Македонија и изразила подготвеност за поддршка на клучните реформи и проекти предвидени во наредниот период.
„Средбата заврши со согласност за натамошно зајакнување на билатералните односи и интензивирање на соработката во различни области од заеднички интерес“,
се додава во соопштението од Владата.
За средбата во куса објава на социјалните мрежи информираа и од Амбасадата на САД во Северна Македонија. Во неа се вели дека Агелер ја повторила поддршката што САД ѝ ја даваат на земјата во насока на остварување на нејзините цели.
„Амбасадорката Агелер денеска имаше средба со премиерот Мицкоски на која разговараа за приоритетите на новата влада. На средбата, амбасадорката ја повтори постојаната поддршка на Соединетите Американски Држави во унапредувањето на целите на Северна Македонија за безбедност, просперитет и евроатлантска интеграција“,
се вели во објавата на американската амбасада на Фејсбук.