Јаневска вели дека оваа година ќе биде преодна во наставните програми и предмети и најавува дека во соработка со Бирото за развој на образованието веќе работат на нови за да ги одделат посебните предмети и да го имплементираат она што наставниците и родителите велат дека не функционира и не дава ефект
Во однос на концептот што го воведе поранешната министерка за образование Мила Царовска, Јаневска рече дека нема во целост да се менува и дека добрите решенија ќе останат
Министерката за образование и наука Весна Јаневска најавува дека од оваа учебна година треба да почнат да функционираат посебните општествени предмети – историја, географија, граѓанско образование.
Јаневска вели дека оваа година ќе биде преодна во наставните програми и предмети и најавува дека во соработка со Бирото за развој на образованието веќе работат на нови за да ги одделат посебните предмети и да го имплементираат она што наставниците и родителите велат дека не функционира и не дава ефект.
„Следната 2025/2026 година да бидеме комплетно готови со надградената, променета концепција, со нови наставни планови и програми и со нови учебници“,
рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања пред промоцијата на новиот Информациски систем за управување со образованието.
Министерката денеска рече и дека ќе има учебници за учениците во новата учебна година која започнува во септември. Сите ученици од основно образование ќе имаат учебници, а за средно Јаневска вели дека тоа ќе биде кај најголем дел од учениците.
Во однос на концептот што го воведе поранешната министерка за образование Мила Царовска, Јаневска рече дека нема во целост да се менува и дека добрите решенија ќе останат.
„Не најавив укинување на таа концепција, туку промени, реформа во таа концепција. Многу пати кажав дека би сакала да имаме некаков континуитет во образованието и сега велам, тоа што сметаме дека во концепцијата е добро, а има добри нешта, ние ќе ги завршиме. Од вчера, од мојот прв ден во МОН, бараме начини како да ја подобриме, измениме и доградиме концепцијата. Денеска ќе се сретнам со директорот на Бирото за образование за да се договориме за деталите. Она што е ветено, ќе се оствари“,
додаде министерката.
Јаневска најавува дека ќе се направи план секаде каде што има услови, да се почне со целодневна настава барем до четврто одделение и со едносменска настава.
Бирото, вели Јаневска, се подготвува да ги среди наставните планови и програми за подолг престој на децата во училиште и тоа се однесува главно на изборните предмети, како дополнителни часови по математика, македонски, англиски јазик, драмски секции, хор, оркестар, сликање, животни вештини.
„Со тоа ќе им го пополниме времето за да не мислат децата дека шест до осум часа ќе мора да стојат над книга. Во меѓувреме ќе имаат слободен час да напишат домашно, да научат како се прави проект. Во колку што е можно училишта тоа ќе го направиме веднаш. Како ќе создаваме услови, така ќе го имплементираме истото“,
рече Јаневска.
Еден од приоритетите, додаде министерката, ќе биде и работата со талентирани ученици, а во фокус ќе биде и средното стручно образование кое ќе се доусовршува со практично учење во компаниите.
„Немаме време да одиме чекор по чекор, ќе одиме на паралелни линии. Нема да биде изоставено високото образование, каде се потребни исто така значајни промени. Се надевам дека идната недела или после неа, ќе се сретнам со Управата на универзитетите. И тоа мора брзо да се заврши, да се договориме каде ќе се движиме понатаму“,
рече Јаневска.
Во однос на новиот е-дневник што денеска беше промовиран, рече оти е убедена дека ќе биде функционален и дека наставниците ќе ги немаат потешкотиите со кои се соочувале со претходниот електронски дневник во кој морале податоци да внесуваат ноќе за да може да го завршат она што им е обврска.
Таа најави и дека се прават напори системот да профункционира и во градинките и тие да влезат под МОН.
„Владата предвидува градинките да влезат во рамки на МОН, но не можам да кажам во кој период ќе се случи тоа со оглед дека се случуваат многубројни реструктуирања во корист на граѓаните. Дозволете извесен перод да ги привршиме тие работи, за да имаме целосен, интегрален образовен систем, од предучилишно до високо и поствисоко образование“,
додаде Јаневска.
Министерката најави и дека утре ќе има средба со СОНК за да почнат, како што рече, првите преговори околу динамиката за подобрување на сите услови на вработените во образованието.
„Ветивме дека до крајот на мандатот ќе се потпише колективниот договор и тоа ќе се случи, а веќе се размислува и како ќе одат покачувањата на платите во текот на овие години до негово потпишување“,
рече таа.
Според Јаневска, и за студентите се прават анализи, со оглед дека новата Влада наследила лоша состојба во Буџетот и итно мора да прави ребаланс кој сигурно ќе се случи во јули.
„Во однос на помошта, не се само студентите. Не е исплатена и помошта на учениците. Вчера почнавме да ги правиме пресметките и анализите зошто не е исплатена. Исплатена е само за декември, правиме голем напор да се исплатат барем за јануари и февруари, во една транша, па потоа да ги доисплатиме и останатите. Јас и пред да станам министерка велев, молам за трпение, се ќе биде направено“,
вели Јаневска.