Поднесената кривична пријава, како што рече денеска во изјава за медиумите Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на полиција во Македонија, е поради постоење основано сомневање за сторени две кривични дела – повреда на право од работен однос и злоупотреба на службена положба и овластување
Синдикатот на полиција во Македонија до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи О.С., како и против Д.Ч. актуелна претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Поднесената кривична пријава, како што рече денеска во изјава за медиумите Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на полиција во Македонија, е поради постоење основано сомневање за сторени две кривични дела – повреда на право од работен однос и злоупотреба на службена положба и овластување.
Пријавениот О.С., чии иницијали се поклопуваат со поранешниот министер Оливер Спасовски, подготвил отказно решение за вработена во МВР, за кое Коцевски вели дека во ниту еден случај не смеел да го изготви.
„По претходно спроведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на работник во МВР за полесна повреда на кршење на работна дисциплина првопријавениот во својство на министер изготвил решение што во ниту еден случај не смеел да го изготви, а потоа изготвил и решение со кое на работникот В.Р. ѝ врачил отказ“,
рече Коцевски.
Второпријавената, пак, како што рече Коцевски, во својство на претседателка на наведената комисија, решавајќи по наведениот приговор, изготвила решение со кое приговорот по наведеното решение го одбила како неосновано.
Од Синдикатот на полиција бараат од Основното јавно обвинителство Скопје да ги земат предвид оваа и претходните пријави и, како што рече Коцевски, сериозно да ги разгледаат и „веќе конечно против наведените лица да поведат обвинителен предлог и да почне правдата во Македонија да се спроведува“.
Тој нагласи дека како синдикат во јавноста веќе две-три години зборувале дека во последните неколку години во времето на владеење на поранешниот министер за внатрешни работи незаконски се издадени преку 25 илјади решенија.
„Станува збор за преку 25 илјади решенија за распоредување од чие изготвување според официјалната пресметката е сторена штета на буџетот на МВР од преку 25 милиони евра. Се надевам дека ОЈО ќе има сериозна работа пред себе, сериозен предизвик и дека сета оваа работа вклучително и денешнава ќе излезе пред јавноста за многу брзо време“,
додаде Коцевски.