Во својот говор непосредно пред да започне гласањето за избор на нова Влада, Мицкоски имаше порака и до опозицијата и до граѓаните. СДСМ рече дека изгубиле затоа што биле понижени од коалиционите партнери, а на граѓаните им порача дека многу брзо ќе почувствуваат подобар живот
Со 77 гласа „За“ и 22 гласа „Против“, Собранието вечерва ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски.
Владината коалиција ја сочинуваат партиите ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата Вреди.
Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, додека Европскит фронт ја напушти седницата пред нејзиното завршување.
Како ќе изгледа новата Влада?
Новата влада има вкупно 20 министерства, додека владиниот кабинет брои 24 члена. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор.
Мицкоски ќе има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за локална самоуправа Златко Перински. Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт Борко Ристовски.
Љупчо Димовски ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ ќе биде вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство Арбен Таравари. Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши. Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација.
Христијан Мицкоски стана 13-тиот премиер, а ќе ја предводи 20-тата влада од осамостојувањето на државата.
Мицкоски: СДСМ реформирајте се, коалициониот партнер ве понижи и затоа ги загубивте изборите
Пред гласањето за новиот владин состав, последен на денешната седница се обрати Христијан Мицкоски во улога на мандатар. Говорот го започна со благодарност за критиките и забелешките од пратениците, додека обвинувањата од некои од пратениците од опозицијата ги нарече беспредметни.
„На граѓаните им е дојдено преку глава од нашите расправии кои некогаш се беспредметни. Доста им е од нашите препирки и дневно политички расправии. Јас можам да ветам дека државата и институциите ќе работат за граѓаните. Треба стабилен и функционален здравствен и образовен систем, повисок стандард и повеќе пари и мирни и спокојни пензионерски денови“,
рече Мицкоски.
Пред да каже од собраниската говорница дека ќе даде заклетва со уставното име, се обрати кон опозициските пратеници.
„Нападите кои ги слушам овие два дена се сведуваат на две тези. Првата е Преспанскиот договор и да го вратиме името и втората е францускиот предлог и преговарачката рамка. Вие не ја научивте лекцијата од граѓаните па кој сум јас да ви делам памет. Ама еве, ќе ви треба време да ја повратите довербата од граѓаните. Ние во ВМРО ДПМНЕ знаевме дека тоа беше потребно. Јас како лидер испратив во пензија еден ваш лидер, а другиот еве го тука е пратеник, па по локалните избори следната година веројатно ќе треба повторно да бирате лидер. Ви загубивте затоа што вашите коалициони партнери ве понижија, затоа ви се случи поразот. Загубивте поради Ласкарци, Беса транс, модуларната болница во Тетово, оти голобради момчиња роднински поврзани со коалиционите парнтери купуваа трговски центри во центарот на градот“,
рече Мицкоски меѓу другото.
На СДСМ им порача да направат реформа и катарза, бидејќи се потребни и за државата и за ВМРО-ДПМНЕ, па потоа се осврна на дебатата за „Северна“.
„За Преспанскиот договор…сме викале една работа, а сме правеле друга? Тоа е срам и лага. А бугарски диктат додека ја сум премиер, нема да помине. Направивте голема грешка која ќе го чини и граѓанинот и Македонија. Не седнавте да разговарате со нас. Ќе ја кажам срамната придавка во заклетвата. Морам да ја кажам оти е дел од законите и Уставот кои морам како претседател на Владата да ги почитувам. Вие само наметнавте хаос, ќе видите што е работа“,
рече Мицкоски во говорот.
На крај од собраниската говорница вети дека резултатите ќе се видат уште во првите 100 дена од новата влада со фуриозен почеток и макотрпна работа.