Во Собранието денеска продолжи дебатата за избор на новата влада предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за чиј состав и програма, пратениците ќе треба да се изјаснат најдоцна до вечерва на полноќ
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната седница ги повика колегите од турските партии да му се приклучат на владејачкото мнозинство за, како што рече, сите заедно да работат на подобрување на состојбите во државата и изјави декка можат да им понудат едно заменичко министерско место.
Понуди за коалиција
Ваквиот повик на Мицевски следуваше откако претходно пратеникот Бејџан Илјаз од коалицијата „Европски фронт“ изрази загриженост дека во новиот владин состав нема ниту еден претставник од турската заедница.
„Ве поканувам да влезете во владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и во ова парламентарно мнозинство, за сите заедно да можеме да работиме на подобрување на состојбите во државата. Во моментот можеме да понудиме едно заменичко министерско место. Повелете, влезете во владата и заедно да работиме на предизвиците за кои зборувавте сега, истакна Мицевски, додавајќи дека Демократската партија на Турците сама избрала да биде дел од „Европскиот фронт“.
Илјаз се заблагодари за поканата и повтори дека одлуката да бидат дел од „Европскиот фронт“ е партиска.
„Добро знаете дека предизборно имавме разговори со сите партии и притоа се водевме од принципите и дадените укажувања на нашите партиски органи. Затоа сме дел од ‘Европскиот фронт’. Загриженоста е што не само во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, туку и во поранешните влади, особено изминатите осум години, немавме претставник во владата“,
потенцира Илјаз.
Крмов со „непристоен предлог“ до Мицкоски
Освен предлогот за коалиции, на денешната седница падна и „непристоен предлог“ за мандатарот Мицкоски. Имено, пратеникот од Левица, Борислав Крмов, го повика Мицкоски заклетвата за премиер да ја даде без придаваката „Северна“.
„Секогаш кога ќе има лоша влада на СДСМ, доаѓа ВМРО и обратно и, за жал, мандатаре, Вам Ви се обраќам, уште во старт ретериравте на неколку полиња! Прво и основно, ретериравте кај придавката ‘Северна’ и рековте дека сега ќе го изговарате, наводно, новото име. Во една емисија рековте дека дури и мандатот ќе го жртвувате – Вие новата придавка не сакавте ни да ја ословите која е, викавте дека нема да ја изговорите, а сега тврдите и сами кажавте дека ќе дадете заклетва со таа придавка. Еве, јас Ве повикувам, да не испадне дека го кршите зборот, имате време да си дадете оставка, па да си останете на зборот“,
истакна Крмов обраќајќи се кон Мицкоски.
Тој воедно и го потсети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека едно од големите ветувања во изборната кампања било дека ДУИ ќе оди во опозиција.
„Го факторизиравте ДУИ. Ветувавте дека ДУИ нема да биде фактор и кога дојдовме за гласање на Законот за организирање на државната управа, кога ви требаше двотретинско мнозинство, седнавте со ДУИ и се договоривте. Следуваат измени и дополнување на Законот за локална самоуправа, исто закон којшто се носи со две третини и за којшто е потребно дури и Бадентерово мнозинство, така што уште повеќе ќе влезете во договор со нив, а бесрамно лажевте пред изборите дека Левица работела со ДУИ! Вие не издржавте ни влада да формирате и веќе ги факторизиравте. Народот не е наивен“,
рече Крмов.
Лукаревска го спореди Мицкоски со Груевски
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска во своето излагање посочи на две експозеа на некогашниот премиер Никола Груевски во 2006 година и на сегашниот мандатар Мицкоски.
„Речиси сѐ и исто, само него го нема. Загрижуваат одредени недоречени ветувања во предложената програма, како, на пример, преиспитување и рационализација на поставеноста и органите на државната управа со можност за спојување и укинување на одредни државни органи, дали новата реорганизација изласана после полноќ и во скратена постапка ви беше потреба за реформа, која ќе биде и соодветно прочистување“,
рече Лукаревска.
Таа истакна дека за поздравување во програмата на ДПМНЕ е тоа што ќе се продолжат добрите решенија во даночната сфера, во дигитализацијата, во обновливите извори на енергија, во културата, земјоделието, поддршка за иновациите, повисок стандард на вработените и на пензионерите, нешта кои владата на СДСМ ги издигна на достоинствено ниво.
„Откако станавте опозиција до 8 мај и во добро и во лошо имавте само еден збор – избори, бидејќи слепо целевте кон власта, па затоа кога велите дека: почнуваме да ја реализираме нашата визија за државата, која повторно ќе биде во рацете на народот, секој граѓанин има можност да напредува и да живее достоинствен живот – имате одговорност за огромна искреност“,
нагласи Лукаревска, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ секако ќе го отвори Уставот, но тогаш ќе се види за што.
Сали Мурат од „Европскиот фронт“ оцени дека владината програма на ВМРО-ДПМНЕ не е целосно во согласност со Уставот и Рамковниот договор.
„Во секоја глава има одредени недоречености, необјективности и нереални заложби. Мандатарот се поставува во улога на давател на некои права, задирате во еднаквоста на граѓаните, особено во однос на турската заедница. Ако се резимира програмата, многу малку посветувате внимание на одржување на меѓутничките односи, на толеранцијата и почитувањето на Рамковниот договор кој е компромис и афирмација на слободите и правата на неинтегрираните и маргинализираните групи, а меѓу нив е токму турската заедница“,
подвлече Мурат.
Халил Снопче од коалицијата „Вреди“ го потсети Мурат дека во претходниот мандат, како Албанец, побарал официјализација и на турскиот и на ромскиот јазик.
„Ние сме мултинационална држава, идната влада ќе мора многу да инвестира во општата еманципација за да ги елиминира сите несогласувања, не треба да сме идентични за да сме еднакви, мора да се инвестира во овој дел, луѓето да ја сфатат еднаквоста меѓу различните работи“,
нагласи Снопче.