„Но, мојата употреба лична како човек при давање изјави никогаш нема да биде поинаква од оваа денеска. Мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар
Мојот став не се промени, јас постојано зборувам Македонија и ќе продолжам да зборувам Македонија. Но, не можеме ние како влада да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а ние да калкулираме и да имаме двојни стандарди.
Ова денеска го рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање зошто се променил неговиот став од предизборниот период дека нема да го користи уставното име на државата откако вчера изјави дека заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата со придавката.
Како што вели, никогаш не го променил мислењето, односно дека тоа што кажал дека во неговите изјави и говори никогаш нема да ја користи придавката, тоа е случај и со денешната изјава, а како што рече, така ќе биде и во иднина.

„Тоа е мое елементарно човеково право како ќе ја нарекувам мојата татковина. Таа е Македонија и ќе остане Македонија. Истовремено, како влада мораме да ги почитуваме законите и Уставот. Променет е Деловникот за работа во парламентот минатата година, како резултат на процесот ‘Жан Моне’ и како резултат на тие промени, а тоа е правно обврзувачки акт, сменет е делот кој се однесува на заклетвата што ја дава претседателот на Владата, членовите на Владата, претседателот на Собранието, потпретседателите на Собранието и уставните судии“,
вели Мицкоски.
Според него, не може да има двојни стандарди, да добива и да поднесува закони со придавката која е дел од уставното име, да има институционална комуникација под уставното име и, како што рече, да се правиме наудредени дека не постои и дека тоа не е дел од нашиот правен систем.
„Но, мојата употреба лична како човек при давање изјави никогаш нема да биде поинаква од оваа денеска. Мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија“,
рече тој.
На прашањето вчера во „Дневникот“ на ТВ Сител – што да очекуваат граѓаните, на која држава ќе биде премиер Христијан Мицкоски и што ќе каже во заклетвата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори:
„Па, уставното име на држава, јасно, не треба тука ние сега да имаме двојни стандарди и да се чувствуваме пред граѓаните неодговорни или, пак, граѓаните да ги доведуваме во заблуда. Се знае, уставното име е со придавката и логично е, Деловникот за работа на парламентот е променет, а во самиот Деловник е содржана заклетвата. Се разбира дека ќе го кажам уставното име на државата, не гледам друг начин како да се каже таа заклетва за да не биде понатаму главна тема. Сакам да ја затворам таа тема бидејќи нас нѐ очекуваат реформи, нѐ очекуваат подобри времиња за Македонија. Инаку, како што кажав во минатото, така ќе кажам и во вашата емисија, дека при моите изјави во Македонија, при моите говори, секогаш јас ќе си го користам името Македонија како име на мојата татковина и тука не треба да имаме дилема. Тука немам намера да правам компромиси бидејќи тоа е моето загарантирано човеково право“.
На прашањето дали во странство ќе користи термини какви што користи претседателката од типот „нашата држава“ и „нашата земја“, не спомнувајќи го името на државата, Мицкоски беше дециден дека ќе го користи уставното име.
Според него, случајот со заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, кога таа не го изговори уставното име на државата, туку рече Македонија, е поинаков бидејќи таа заклетва била содржана во Изборниот законик кој, пак, за разлика од Деловникот, не е променет.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во досегашните своите јавни настапи не го користи уставното име на државата, исто како и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека негово човеково право е да ја нарекува државата како сака, што предизвика остри реакции од Грција и од стратешките партнери на државата, ЕУ и САД, да се почитува Преспанскиот договор.