Ова е пораката што денеска ја испрати ексминистерот и актуелен пратеник Венко Филипче од дводневната конференција во Атина организирана експремиерите на С Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор
Договорот од Преспа е доказ дека дури и најтешките спорови можат да бидат решени кога лидерите како приоритет го имаат заедничкото добро за сите пред сè друго.
Ова е пораката што денеска ја испрати ексминистерот и актуелен пратеник Венко Филипче од дводневната конференција во Атина организирана експремиерите на С Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор.

„Договорот од Преспа нè потсетува дека вистинското лидерство не значи само задржување на власта, туку и негување на доверба и градење на мостови. Претставува историски момент на лидерство благодарение на кој спор беше трансформиран во соработка“,
порача Филипче од Атина.
Обраќајќи се од позиција на директор на Фондацијата „Едно општество за сите“, во чија коорганизација е настанот, Филипче порача дека конференцијата ја реафирмира споделената посветеност за негување на свет каде што единството, мирот и одржливиот развој не се само идеали, туку и реалност во којашто живееме.
„Нашето мото ‘Едно општество за сите’ има длабоко значење во време во кое силите на поделбата се во пораст. Нашата сила е во различноста, а инклузивноста е камен-темелник за просперитетна иднина. Нашиот колективен успех лежи во способноста да се обединиме, да ги негуваме различностите и да работиме неуморно за создавање на општествово каде што се вреднува секој човек“,
истакна Филипче.
Дводневната Меѓународна конференција за мир и одржлив развој на која се обрати Филипче денеска и утре се одржува во Атина по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор. Настанот е во организација на фондацијата „Заев“ и институтот „Алексис Ципрас“.
На конференцијата учествуваат политичари, експерти, премиери, поранешни шефови на држави и премиери, европски комесари, академици од Европа, Балканот, како и специјалниот претставник на ОН за прашањето за името, Метју Нимиц.