„Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга нема да запишува студенти, зашто за да почне со работа потребно е да ги акредитира поединечно студиските програми за прв циклус на стручни студии за општа медицинска сестра и студии за здравствена нега согласно Законот за високо образование“, велат од оваа институција
Ниту еден студент нема да се запише и нема да се студира на Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга сè додека не се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми кои согласно Законот за високо образование се суштински дел за една високообразовна институција да започне со работа, информира Одборот за акредитација на високото образование.
Оттаму велат дека одлуката за давање одобрение за основање Факултет за здравствени науки при Меѓународен универзитет во Струга е донесена од страна на Владата на РСМ на седница одржана на 9 април 2024 година, а објавена во „Службен весник“ на 15 април 2024 година.
„Првата поднесена студиска програма за здравствена нега (медицинска сестра и медицински техничар) е одбиена на 6 јуни 2024 година бидејќи не ги исполнува законските услови“,
велат од Одборот за акредитација.
Како што се наведува во соопштението од Одборот за акредитација на високото образование, не се акредитирани и сите други елаборати за студиските програми од други области на факултетите на Меѓународниот универзитет во Струга поднесени во 2024 година, односно биле одбиени од одборот.
„Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга нема да запишува студенти, зашто за да почне со работа, потребно е да ги акредитира поединечно студиските програми за прв циклус на стручни студии за општа медицинска сестра и студии за здравствена нега согласно Законот за високо образование“,
пишува во соопштението.
Оттаму велат и дека условите за почеток со работа на овој факултет, согласно Законот за високо образование, ги цени исклучиво Министерството за образование и наука и формираната комисија од страна на Министерот за образование и наука.
Од коалицијата „Вреди“ вчера преку соопштение информираа дека Универзитетот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко доби бакшиш од министерот за образование Јетон Шаќири – акредитација на медицински факултет во Струга.
Според коалицијата, за овој скандал министерот за образование Шаќири мора да даде отчет на јавноста, како што велат, да покаже докази зошто го акредитирал универзитетот на Мерко да има и медицински факултет, како и, според нив, да посочи дали овој универзитет има соодветни кабинети за изучување на предметите од медицината, исто како и рамка на академски барања.
„Универзитетот го води Арменд Кадриовски и е познат како универзитет, каде што низ годините, преку ноќ, дипломирале повеќе од половина од функционерите на ДУИ, како и многу членови на семејствата функционери, кои потоа се вработиле на различни работни места“,
велат од „Вреди“.
Како што денеска објавија дел од медиумите, лиценцата за отворање на факултет за здравствени науки, Мерко ја побарал уште во април, веднаш по формирањето на техничката влада.
Министерот Јетон Шаќири вчера ги демантираше, како што рече, наводите од одредени политички субјекти, според кои, како што додаде, е прозван дека го основал Факултетот за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга. Ја образложи процедурата за акредитација на факултетот во Струга и посочи дека Одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет на високото образование го акредитира проектот доставен од Универзитетот.