„По доставението извештај од страна на комисијата во МОН, потпишав Решение за исполнетост за почеток со работа на високообразовната установа. Ништо противзаконски и ништо самоволно“, се вели во демантот од министерот за образование
Министер не може да основа високообразовна установа. Тоа е цела постапка во која се инволвирани повеќе надлежни институции. Основањето на една високообразовна установа, во случајов факултет во состав на веќе постоечки Универзитет, започнува со иницијатива на самиот Универзитет, а прво треба да добие позитивно мислење, односно согласнот од Владата.
Ова попладнево преку соопштение го испрати Министерството за образование и наука (МОН), во кое се посочува дека министерот Јетон Шаќири ги демантира, како што вели, наводите од одредени политички субјекти, според кои, како што додаде, е прозван дека го основал Факултетот за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга.
„Некои, пак, споменуваат Факултет за медицински науки, а тоа се два различни поими. Нема да навлегувам во причините за ваквите објави, дали се тендециозни или од незнаење, но оваа информација категорично ја демантирам“,
се вели во демантот од министерот за образование Шаќири.
Шаќири во демантот ја образложи целата процедура за акредитација на факултетот во Струга, посочувајќи дека Одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет на високото образование го акредитира проектот доставен од Универзитетот.
„Потоа, следи носење на акти за основање и работа на факултетот од страна на матична комисија при Универзитетот и дури потоа, по завршување на овие фази, врз основа на мислење на комисија за увид во исполнетотс на условите за работа, во рамки на МОН, министерот за образование и наука носи одлука за исполнетост на условите и дозвола за почеток со работа. Одборот за акредитација во меѓувреме спроведува постапка за кредитирање на студиските програми, до чие завршување факултетот не може да запишува студенти. Оваа постапка е во тек“,
пишува во соопштението од Шаќири.
Според него, овој Факултет за здравствени науки ќе има тригодишни студиски програми за медицински сестри, а не студии за доктори.
„По доставението извештај од страна на комисијата во МОН, потпишав Решение за исполнетост за почеток со работа на високообразовната установа. Ништо противзаконски и ништо самоволно“,
вели министерот Шаќири.
Од коалицијата „Влен“ денеска преку соопштение информираа дека Универзитететот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко доби бакшиш од министерот за образование Јетон Шаќири – акредитација на Медицински факултет во Струга.
Според коалицијата, за овој скандал министерот за образование Шаќири мора да даде отчет на јавноста, како што велат, да покаже докази зошто го акредитирал Универзитетот на Мерко да има и Медицински факултет, како и, според нив, да посочи дали овој Универзитет има соодветни кабинето за изучување на предметите од медицината, исто како и рамка на академски барања.
„Универзитетот го води Арменд Кадриовски и е познат како Универзитет, каде низ годините, преку ноќ, дипломирале повеќе од половина од функционерите на ДУИ, како и многу членови на семејствата функционери, кои потоа се вработиле на различни работни места“,
велат од „Влен“.
Како што денеска објавија дел од медиумите, лиценцата за отварање на Факултет за здравствени науки, Мерко ја побарал уште во април, веднаш по формирањето на техничката влада.
Во образложението на дозволата за формирање на овој факултет, како што пренесуваат дел од медиумите, пишува дека Меѓународниот универзитет Струга ги исполнил условите за формирање на Факултет за здравствени науки.
Според информации од Министерството за образование и наука (МОН), на овој факултет нема да се образуваат доктори, туку ќе се отворат тригодишни студии за медицински сестри.
Инаку, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од лани лето се наоѓа на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во значителна корупција.