Претседателот и премиерот ја претставуваат државата – одговара заменик-шефицата на грчката дипломатија Александра Пападопулу, во интервју за „360 степени“, прво на еден висок претставник на грчката влада за македонски медиум по изборите во земјава. Овој нејзин коментар се донесува на ставот на Силјановска-Давкова и на Мицкоски дека го почитуваат Договорот од Преспа, но дека имаат право на самоопределување и на слобода на изразување, па наместо Северна Македонија, усно да ја нарекуваат земјава Македонија. Со Пападопулу, која од 2007 до 2012 година беше амбасадорка на Грција во државава, разговаравме на маргините на министерскиот состанок од Процесот за соработка во југоисточна Европа кој се одржа во Скопје
360°: Г. Пападопулу, ви благодарам за ова интервју и добредојвте повторно во Скопје.
Пападопулу: Ви благодарам. Секогаш е емотивно да се вратите на места каде сте поминале дел од животот.
360°: Кога заминавте од Скопје?
Пападопулу: На крајот од 2012 година, пред речиси 12 години.
360°: Ова е ваша прва посета од тоа време?
Пападопулу: Кога бев дел од Еулекс во Приштина знаев да поминам низ Скопје, а неколкупати и застанав. Но, да, ова е прва вистинска посета.
360°: Вие сте првиот високопозициониран претставник на грчката влада кој доаѓа во Скопје по изборите кои, како што знаеме, на власт во земјава донесоа нова политичка елита. Која е пораката што ја носите и до новите власти, но и до граѓаните на Северна Македонија?

Пападопулу: Технички гледано, станува збор за старата влада зашто идниот премиер се уште, ако не грешам, не дал заклетва, но пораката е иста и секогаш ќе биде иста – тоа е порака на пријателство до граѓаните и до земјата. Ние сме соседи, сојузници во НАТО, се надевам дека ќе бидеме и партнери во ЕУ и оттука сакаме ова пријателство да продолжи и да зајакне. Грција сака да ја продолжи блиската соработка со вашата земја, но има основа за оваа соработка, а тоа е Преспанскиот договор. Строго придржување до сите преземени обврски од меѓународното право, вклучувајќи го и Преспанскиот договор, е основата за оваа соработка. Сакам да се надевам и да очекувам вакво продолжување на соработката со новата влада.
360°: И новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и мандатарот Христијан Мицкоски изјавија дека го почитуваат Преспанскиот договор и дека немаат намера да го стават под знак прашање. Тогаш, зошто Атина во изминатиот месец реагираше така како што видовме?
Пападопулу: Зашто зборовите треба да бидат поддржани со дела, тоа е многу важно. Почитување меѓународен договор значи дека постапувате во согласност со тоа што претставува и опфаќа овој меѓународен договор. Пораката е многу јасна – меѓународните договори треба да се почитуваат и сакаме да видиме дела со кои ќе се поддржат таквите изјави. Во спротивно, изјавите се празни зборови.
360°: Ајде малку подетално, и претседателката и мандатарот веруваат дека имаат, како што велат, основно човеково право на самоопределување и слобода на изразување, што значи дека ќе потпишуваат документи со Северна Македонија, но усно земјата ќе ја нарекуваат Македонија.

Пападопулу: Кога премиерот, претседателот или министерот за надворешни работи, или министерот за одбрана зборуваат во официјален капацитет, тие ја претставуваат државата, а државата има уставно име кое е утврдено и договорено со меѓународен договор заклучен во рамките на резолуции на Советот за безбедност на ОН. Дозволете ми уште еднаш да појаснам – ова име, уставното име на земјата е име за севкупна употреба (ерга омнес) договорено во согласност со меѓународното право и мора да се почитува. Тоа не е лично прашање.
360°: Значи, грчката влада очекува новите овдешни власти и вербално да го користат уставното име, така?
Пападопулу: Да. Името на земјата е Северна Македонија. Тоа е врежано во Уставот на земјата, тоа е дел од меѓународен договор, тоа е името под кое земјата беше примена во НАТО, тоа е име под кое се водат пристапните преговори со ЕУ, тоа е име кое насекаде се користи. И ќе повотрам – главно е дека ова е уставното име на земјата впишано во Уставот.
360°: А што со аргументите за право на самоопределување и слобода на изразување?
Пападопулу: Тие не се обични граѓани, тие ја претставуваат државата.
360°: Многу овдешни политичари и креатори на јавно мислење аргументираат дека Северна Македонија исполнила огромен дел од обврските од Преспаниот договор, а дека Грција не ратификувала ниту три меморандуми, ниту пак ги сменила сообраќајните табли со Скопје и кратенката ФИРОМ. Кој е грчкиот одговор на ова?
Пападопулу: Северна Македонија е членка на НАТО. Тоа е точно. Ова е резултат на Преспанскиот договор. Северна Македонија ги почна пристапните преговори со ЕУ. И ова е дел од Преспанскиот договор. Да ставите равенство на овие нешта со сообраќајни табли е дерогативно, не е исто. Искрено, таблите се менуваат во Грцiја. На многу табли пишува Скопје, а не старото име и на многу табли овде во вашата земја стои Солун или Атина.
360°: Кога велите Скопје, мислите како на правец кон градот, а не на земјата?
Пападопулу: Кога оттука ќе одите до Грција пишува Солун, тоа е насока кон градот, а не насока кон земјата. Се ќе биде коригирано, тоа не е прашање. Да зборуваме за големите прашања. Преспанскиот договор беше за големите прашања…
360°: Што e со меморандумите?

Пападопулу: Дозволете да довршам. Преспанскиот договор беше за стратешката ориентација на вашата земја – НАТО, ЕУ, поврзано со промената на името на земјата во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Не треба да ја заборавиме историјата на Преспанскиот договор. Меморандуми се веќе ратификувани во грчкиот парламент, некои меморандуми се уште се во процедура во вашиот парламент. Меморандуми не се дел од Преспанскиот договор, меморандуми сме имале и порано, ќе имаме меморандуми и во иднина и тие ќе бидат ратификувани. И вие, овде, имате заглавени меморандуми, но не велиме дека не го имплементирате Преспанскиот договор поради неколку меморандуми.
360°: Што мисли премиерот Кирјакос Мицотакис кога вели дека неговата намера е да го отовори прашањето на имплементација на Преспанскиот договор на претстојниот НАТО самит во Вашингтон?
Пападопулу: Го кажува очигледното, треба да прочитате, го кажува очигледното – Северна Македонија се придружи на НАТО како дел од Преспанскиот договор и затоа договорот мора да се спроведува во целост. Ова е многу јасна и концизна порака и не и треба натамошна интерпретација.
360°: Г. Пападопулу, кои се потенцијалните последици од ваквата ситуација?
Пападопулу: Не сакам да зборувам за тоа, сакам да имам надеж дека нема да дојдеме до таа точка, сакам да имам надеж дека новата влада на Северна Македонија, кога ќе стапи на должност, ќе сфати, а можеби веќе и сфатила, дека е во интерес на вашата земја, дека е во интерес на сите, да се придржуваме до меѓународните обврски и да напредуваме.