Повисоката цена од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора велат дека е импликација на зголемените цени на пченицата на светските берзи и регионалните пазари во мај за исто толку проценти

Цената на лебот кај одредени компании е повисока за 10 отсто, но очекуваме таа да се стабилизира во наредниот период, со почетокот на жетвата, и да се врати на нивото како што беше претходно, вели претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора Горан Малишиќ.
Повисоката цена Малишиќ вели дека е импликација на зголемените цени на пченицата на светските берзи и регионалните пазари во мај за исто толку проценти.
„Одредени компании го поскапеа лебот за 10 отсто зашто цените на брашното се зголемија за десетина проценти. Другите пекарски производи остануваат на истото ниво. Очекуваме цената на лебот да се стабилизира со почетокот на жетвата“,
вели Малишиќ за МИА.
Тој напомена дека сè уште не се знае каков ќе биде квалитетот и квантитетот на пченицата.
„Тоа ќе се дознае со почетокот на жетвата. Како Групација очекуваме владата да остане на ланските мерки за субвенционирање на земјоделците во однос на пченицата и јачменот – три денари за килограм предадена пченица и 100 евра по хектар за принос од најмалку три тони јачмен“,
истакна Малишиќ.
На почетокот на мај од Агробизнис комората на Сојузот на стопански комори велеа дека лебот нема да поскапи следните два месеца, како и дека неговата цена е стабилна.
Оттаму најавија дека по еден или два месеца, повторно ќе се прави анализа со оглед на руско-украинскиот конфликт и турбуленциите на Блискиот Исток, како и поради поскапувањето на нафтата кое може да значи потенцијална повисока цена на суровините во прехранбената и општо во целата индустрија.