При давањето на заклетвата во Собранието, актуелната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова одби да го изговори уставното име на земјата Северна Македонија и наместо тоа изговараше само Македонија. Подоцна се бранеше дека станува збор за лично право. Новиот претседател на Уставен, Дарко Костадиновски, најави дека ќе се произнесе по прашањето кога и ако стигне на седница
Костадиновски не понуди директен одговор и за друго актуелно прашање, односно за двојните функции на дел од членовите на техничката влада кои во меѓувреме станаа пратеници
На денешниот брифинг со новинарите, а потоа и во изјава за медиумите Костадиновски рече дека врвен приоритет за време на неговиот тригодишен мандат ќе биде враќањето на довербата на граѓаните во Уставниот суд и во правната држава
Новиот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, речиси една недела по неговиот избор и преземањето на функцијата од неговата колешка Добрила Кацарска денеска одржа брифинг со новинарите на кој ги презентира приоритети на кои ќе се посвети во тригодишниот мандат.

Еден од нив, како што рече, ќе биде судскиот активизам, односно оживување на „една наша атрофирана функција, поведување постапки по сопствена иницијатива“ на уставните судии.
Сепак, Костадиновски, одговарајќи на новинарски прашања, не одговори конкретно дали можеби меѓу првите иницијативи на судиите би биле и актуелните прашања со истовременото извршување на функциите пратеник и претседател на Владата од страна на Талат Џафери и министерот за здравство и пратеник, Илир Демири, како и прашањето за уставноста на заклетвата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
За потсетување, таа при при давањето на свечената заклетва во Собранието на 12 мај, повторувајќи по тогашниот претседател на законодавниот дом Јован Митрески, не го изговори уставното име, туку користеше само Македонија.
Покрај тоа, Сиљановска-Давкова опстојува на ставот дека со тоа што не го користи уставното име на државата, пред сè во вербалната јавна комуникација, не го прекршува Преспанскиот договор, туку во духот на слободата на изразување на мислата, слободата на самоидентификација и слободата на самоопределување претпочита да употребува македонски или Македонија.
„Кажав дека во наредниот период можете да очекувате судски активизам. Не можам сега во овој момент да кажам тој или тој, но бидете уверени без разлика дали овие или кој било друг што ќе наиде на интерес јавноста или ќе побуди сомнеж кај мене како судија или кај кој било од судиите затоа што не само јас и другите судии можат да ја користат оваа алатка, ве уверувам дека ќе имаме засилен судски активизам, и тука нема да правиме разлика дали овие предмети поважни, поневажни, затоа што ви кажав, работејќи по предмети, ние увидуваме доста аномалии“,
рече Костадиновски во изјава за медиумите по брифингот.
Не можам да прејудицирам што е уставно, а што не – вели Костадиновски
На дополнително прашање на оваа тема дали можеби ќе се покрене иницијатива и околу (не)употребата на уставното во јавната комуникација од страна на претседателката на државата, Костадиновски рече дека секој е должен да го почитува Уставот. Но за конкретното прашање додаде дека својот став ќе го каже кога ова прашање ќе биде исправено пред Судот.
„Значи, нашиот Устав вели дека секој е должен да го почитува Уставот. Јас ви кажав и претходно, не можам да прејудицирам што е уставно, а што не е уставно, не кажува претседателот на Судот туку Судот со мнозинство гласови. Не можам да прејудицирам нешто што не е пред мене на маса затоа што тоа е дел од уставните правила и од најдобрите уставни обичаи. Тогаш кога ќе биде исправено прашањето, поставено на седница на Судот, нашите седници се јавни, тогаш и јавноста ќе може да го слушне мојот став. Вака кој било став, и тоа е пракса што сите судии ја применуваат и се придржуваат, не даваме ставови за прашања што не се на седница на судот за разгледување. Нашите ставови ги кажуваме јавно на седница… Можеби веќе додека ние разговараме има иницијатива, или иницијатива или судски активизам. Битно е што мојот став ќе го кажам тогаш кога прашањето ќе биде разгледувано, распоравано на седница на Судот “,
изјави Костадиновски.

Инаку, како што посочи на брифингот, а потоа и во изјава за медиумите, врвен приоритет за време на неговиот мандат ќе биде враќањето на довербата на граѓаните во Уставниот суд и во правната држава.
За негово реализирање Костадиновски рече дека се потребни неколку чекори или предизвици, како што ги нарече тој.
Првиот ќе биде бескомпромисноста во обезбедувањето на самојстојноста и независноста на Уставниот суд, а вториот неговата бескомпромисност во спречување на обидите за каква било политичка или каква било друга форма на влијание врз Судот и уставните судии.
„Во однос на првиот предизвик кажав дека од 1991 година од донесувањето на првиот Устав на независна Република Македонија, Уставниот суд останува најнереформираната институција во системот, во поглед на правната рамка од каде што ги црпи надлержностите. Уставниот суд ја црпи својата надлежност директно од Уставот и од актот на Судот (Деловникот). Но, се поставува прашањето, дали ваквата статус кво состојба во поглед на правната рамка и на кого му одговара да продолжи. Тука се надоврзува прашањето – дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот. Во таа смисла во наредниот период со сите релевантни фактори и чинители во општеството ќе разговарам за неопходноста од интервенција во Уставот со цел обезбедување уставна основа за донесување на закон со кој ќе се операционализираат уставните одредби за Уставниот суд. И тоа, не каков било закон, моето инсистирање е тоа да биде системски закон, затоа што тоа е начинот на кој ќе се гарантираат самостојноста и независноста на Уставниот суд“,
рече Костадиновски.
По однос на бескомпромисноста на политички или какви било други влијанија, Костадиновски рече: „Јавно кажувам дека сум и ќе останам лојален само на Уставот и на никој друг“.
Судски активизам
Во однос на приоритетите, новиот претседател на Уставен изјави дека уставната и правната култура ќе бидат високо на неговата агенда, како и транспарентноста на работата на Судот, кој им намера да ја зајакне со снимање и пренесување во живо на седниците на Уставниот суд за тој да може да им се доближи на граѓаните со неговата работа.
Тој најави и поинтензивна работа, односно на помош во Уставниот суд ќе биде повикана и науката.
„И нам како судии ни се јавуваат многу важни уставно-правни теми и дилеми. И често имаме спротивставени мислења, впрочем за тоа доволно говорат моите 55 издвоени мислења досега. Секогаш сум сметал дека ќе биде корисно ако ја викнеме струката и науката на помош, ништо не можеме да изгубиме, а можеме да добиеме, и тоа ќе биде еден моите приоритети“,
рече претседателот на Уставниот суд.
Во врска со судскиот активизам за кој како уште еден од приоритети ќе се залага, Костадиновски рече:
„Денес Уставниот суд е комплетен со што се исполнети околностите и сите претпоставки за навистина оживување на таа атрофирана функција на Судот. По сопствена иницијатива, не само по иницијатива на граѓани да се вклучиме во заштитата на правната држава, во правната сигурност и во владеење на правото. Ќе направам сè што е во моја моќ да овој судски активизам биде што е можно поприсутен“
Костадиновски: Не очекував да бидам предложен за претседател на Уставниот суд
Инаку, Дарко Костадиновски за претседател на Уставниот суд беше избран на 4 јуни. На неговиот избор му претходеа четири дена гласање во девет круга, пред конечно во десеттиот тој да биде предложен од судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасосвка и со потребното двотретинско мнозинство да биде избран за прв човек на Судот.
Претходно за претседател на Уставниот суд беа предложени судиите Татјана Васиќ-Бозаџиева, Ана Павловска-Данева и Осман Кадриу, но ниту еден од нив не го доби неопходното мнозинство од најмалку шест гласа.
„Неспорен факт е дека овој пат изборот на претседател се одржа во околности на повеќе гласања. Имало и во минатото вакви ситуации, веројатно ќе има и во иднина. Имаше разни перцепции во медиумите зошто е тоа. Но, морам да кажам дека таквиот начин на избор на претседател зборува и за нешто друго. Дека судиите со сопствените убедувања, со сопствените ставови во однос на тоа кој сметаат дека е најдоброто решение да го води Судот покажаа и интегритет и дигнитет. Можно е да се дојде до ситуации да не ги наречам ќор-сокак. Она што е важно, е што изборот на претседател на Уставниот суд е важно да се прави по одредени критериуми. Значи ние како критериуми ги земавме, сениоритетот, значи кои се најстари судии по стаж во службата, по мерит-системот и Судот одлучи така како што одлучи. Во момнетот кога јас бев предложен ја прифатив кандидатурата и Судот ја донесе одлуката“,
кажа Костадиновски на брифингот.

На новинарско прашање дали тоа што изборот, условно кажано, четири дена беше „заглавен“ се должи на наводни недоразбирања околу новиот Деловник на Судот, што предизвикало поделба меѓу судиите, Костадиновски рече дека за време на гласањето не дискутирале на оваа тема.
За Деловникот рече дека е изгласан и дека треба да стапи во сила на 1 септември.
Дополнително кажа дека во него има многу измени.
„Ние како судии, еве, јас на пример, сум шест и пол години и од самиот старт воочуваме многу слабости што ги имаше актуелниот Деловник. Голем дел од тие слабости со новиот акт на Судот се отстранети… Во ниеден момент предмет на дискусија, не знам чинот на гласање е многу едноставен, затоа кажав дека самите судии по сопствено убедување гласаа. Гласањето е тајно, дури и не знам кои се гласовите што се дадени, меѓутоа ние не дискутиравме на тие теми. Дали Деловник бил причина за некои судии. Ова е трет избор на претседател на кој јас сум учествувал, вообичаено да имаме објективни критериуми… Претходно, да, ние сме дискутирале на состаноци. Ние пет години работиме на новиот акт на судот, во различни состави. Неспорно е дека во мандатот на претходната претседателка се интензивираше ангажманот на судиите за што се водеше точка по точка со безброј предлози, но не сме дискутирале во насока на критериуми, дали нешто е пречка за некој судија да даде глас или да не даде глас“,
рече Костадиновски.
За тоа дали очекувал да биде предложен за претседател на Уставниот суд тој рече:
„Не очекував да бидам предложен. Немав ниту најава дека ќе бидам предложен“.