„Децидно ни е кажано во Извештајот на Оценската мисија на ЕУ дека мора да има континуитет и дека државните институции не може да поминуваат низ трауми“, вели Кренар Лога, кадар на Алијанса за Албанците на Зијадин Села

Министерот за правда во заминување, Кренар Лога, смета дека ЕУ и САД нема да се согласат со распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, потег што го најавува ВМРО-ДПМНЕ. Откако минатата недела во писмо до дел амбасадите во земјава, како и до официјален Брисел и Вашингтон, изрази загриженост за намерата, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Лога образложи зошто мисли оти ЕУ и САД нема да поддржат ваков чекор:
„Децидно ни е кажано во Извештајот на Оценската мисија дека мора да има континуитет и дека државните институции не може да поминуваат низ трауми – вие ќе имате нов состав, а утредента ќе треба да имате оценување на судии. Значи, утредента ќе имате можност да именувате нови судии“.
Во однос на актуелниот случај со врховниот судија Наке Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кои се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, Лога потсетува дека едниот е во притвор, а другиот суспендиран, додека не се реши случајот.
„Јас не кажувам дека некои луѓе таму треба да се бранат по секоја цена, јас кажувам дека мора по секоја цена да се почитуваат Уставот и законот“,
кажа тој.
Лога вели дека „лекот “ за Судскиот совет е најден, дека тоа се препораките од Оценската мисија на ЕУ и дека тие понатаму треба да се пресликаат и за Советот на јавни обвинители.
Најавува дека Министерството за правда неделава може да објави нацрт-измени на Законот за Судски совет врз основа на препораките од Оценската мисија на ЕУ.
Лога: Јас ќе одам од тоа министерство, меѓутоа министерството останува, работната група останува. Таму се опишани сите задачи што ги преземавме како одговорност. Дел од нив беа доверлив материјал кој не смее да се објавува, така што и пред да дојдам кај вас во емисија, јас се консултирав со работната група. Тие се при крај и многу се загрижени во овој дел, бидејќи вложиле труд. Исто така, тој дел од работната група во континуитет е во комуникација со претставници на Европската Унија и тие, како и нашите партнери, се загрижени од овој потег, бидејќи вие го имате лекот донесен од експерти предводени од поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска, а во меѓувреме барате лек за кој не знаете дали вистински ќе делува.
360°: Бидејќи зборувате со медицински метафори, Извештајот на Оценската мисија и препораките што се дадени таму, нели се обид за лечење на тешко болен со аспирин, на којшто очигледно му треба многучасовна хируршка интервенција со повеќе хирурзи?
Лога: Не, тоа што е веќе опишано во нацрт-верзијата на измените на законот е токму тоа – хируршки ќе треба да се интервенира и во тој дел веќе е интервенирано во законот, а во текот на овие денови и ќе биде објавено за јавноста.
Лога вели дека ќе бидат неопходни и уставни измени во делот на правосудството, на пример, за да се реши прашањето за (не)учеството на министерот во работата на Судскиот совет, како и интервенции во делот на државната ревизија, правобранителство итн.
Лога е член на Алијансата на Албанците, од крилото на Зијадин Села, кој како дел од „Европскиот фронт“, постизборно оди во опозиција. Сепак, тој вели дека ваков тип измени кои се работеле долго време, нема да ги опструира.
„Мојот наследник ќе има голема одговорност. За сите овие прашања бланко ја имаат нашата поддршка“,
кажа Лога алудирајќи на новото мнозинство и нова влада.